Традиционални спортски игри – Спортски Бон-Тон

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на спортско културната манифестација „Традиционални спортски игри – Спортски Бон-Тон“ која што се одржа во Велес и со која се означи почетокот на неколкумесечниот проект.

Целта на проектот е да се промовира Спортски Бон-Тон како модел на интегрирање на децата од школска возраст во системот на спортување, дружење, играње и нивно меѓусебно запознавaњe со нивните традиции, култури и обичаи. Проектот „Традиционални спортски игри (Спортски Бон-Тон)“ чиј покровител е претседателот Иванов, ќе се реализира преку спортско-културни манифестации во општините Велес, Карпош, Маврово-Ростуше, Ново Село, Охрид и во Свети Николе.

„Целта е јасна, децата да се научат да спортуваат, да се запознаваат едни со други, да се дружат да комуницираат, да се почитуваат, да имаат разбирање за различноста која што постои во нашата држава. Преку традиционалните игри всушност децата ги учат вредностите кои што сме ги имале и ние и нашите родители, кои што биле наше секојдневие, а денес поради модерниот начин на живот се подзаборавени“, рече претседателот Иванов.

Амбасадата на Соединетите Американски Држави по трет пат ја поддржува манифестацијата „Традиционални спортски игри (Спортски Бон-Тон)“, што освен Велес, ги опфаќа и општините Охрид, Карпош, Маврово-Ростуше, Свети Николе и Ново село.

„Ова ќе биде возбудлив период за сите учесници, спортувајќи децата постојано ќе се дружат меѓусебе, и на сите нив им посакувам забава и многу успех“, рече американскиот амбасадор во Република Македонија, г. Пол Волерс.

„Ова претставува чест и задоволство за нас повозрасните, да се потсетиме на она што некогаш било дел од нашето детство, нашите игри, начин на забава и рекреација“, истакна градоначалникот на Велес, г. Славчо Чадиев.

Во 2013 година проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)“ беше имплементиран во општините Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и во Теарце, додека во 2012 година проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“ беше спроведен во општините Тетово, Прилеп, Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и во Врапчиште.