Традиционалните бизниси се од голема помош на руралните средини

руралните

Како што беше речено на денешниот Саем за традиционална и органска храна „Вкусот на Македонија“, малите бизниси се воедно мотор за економскиот развој зашто креираат работни места и затоа треба максимално да се поддржат.

– Да се поддржат идеите за нови бизниси за да се создадат можности за луѓето од руралните средини. Токму малите бизниси се дел од основата за здрава економија, порача заменик-амбасадорот на Швајцарија Стефан Томагиан и додаде дека ваквите манифестации се пример како една идеја од локалните заедници може да прерасне во сериозен бизнис.

И директорот на Канцеларијата за развој на УСАИД Едвард Гонзалез укажа на потребата од поддршка на малите, семејни бизниси. – Тие се главна движечка сила на македонската економија. Отвораат нови работини места, како и можности за луѓето, и во градовите и во руралните средини, истакна Гонзалез.

Органско гравче, слатко од шипка, чаеви, природни сокови, козметика, облека, зачини,…, се само дел од производите што може да се видат и купат на Саемот. Според производителите-изложувачи, потрошувачите се повеќе го препознаваат квалитетот, знаат да разграничат што е конвенционална, индустриска, а што традиционално произведена храна.

руралните

– Потрошувачите се повеќе го препознаваат квалитетот, бараат производи од времето на нашите баби и дедовци зашто тие се здрави, без какви било додатоци. Интересот е се поголем, пласман има, иако цената е можеби нешто повисока од конвенционалните, за околу 10 проценти, изјави Бранко Ангелески, производител на мармалад и сируп од шипка, како и на мармалад и сируп од капини, собрани од подножјето на Бабуна, на над 800 метри надморска височина

Според него, проблем е што производството обично не е во поголеми количини, зашто процесот е релативно тежок. Се се прави рачно, од берба до пакување на готовиот продукт.

Сузана Димитриевска, производител на органска храна од Мустафино, порача дека е неопходно традиционалните производи да се доближат што повеќе до купувачите, највеќе преку вакви саемски манифестации.

– Овде може многу да научите, не само како да ви изгледа производот, туку и како купувачите реагираат на вачите производи, рече Димитриевска.

Таа смета дека од ваков семеен бизнис може да се живее, особено ако дејноста се поврзе со рурален туризам.

„Вкусот на Македонија“ ќе трае до недела, 13 ноември. На него изложуваат 22 мали и средни бизниси од руралните средини. Го организираат шест локални акциски групи во партнерство со тргосвкиот центар Рамстор и со подршка од проектот на УСАИД за експанзија на мали бисзниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија.