Традиционалните производители на сирење полесно ќе ги продаваат производите, ако се регистрираат

Агенцијата за храна и ветеринарство донесе нов Правилник што се однесува на традиционалното производство на сирења.

Идејата е да се регистрираат што повеќе примарни производители, бидејќи според информациите на Агенцијата, засега има регистрирано 10 мандри, а бројката според ситуацијата на терен е многу поголема.

Тоа практично би значело дека овие производители со тоа што ќе се регистрираат, нивните производи како сирење, млеко, јајца, мед ќе можат да ги продаваат во маркети, млекарници, но и ќе можат да ги извезуваат.

Трошоците за регистрацијата во Агенцијата се минимални, но производителите ќе треба да преземат минумум потребни мерки при производството, нешто што и сега го прават, па нема да им биде дополнително оптоварување.Според Правилникот, предвидено е да се прави и записник при производството.

Инспекторите од Агенцијата, во следниот период ќе ги информираат производителите на терен, за начинот на регистрација, прилагодување на условите за производство.На тој начин ќе се овозможи, нивните производи да бидат декларирани и побрзо да стигнат да потрошувачот.

Сепак, за традиционалното производство има утврдено количини на продажба односно за млекото е 10 илјади литри годишно или 30 литри на ден, за јајцата 17 илјади годишно или 50 дневно, а за медот е илјада килограми годишно.

Стандардите за ова производство се раликуваат од стандардите за комерцијалното производство во млекарниците, каде што на пример треба да се исполнува ХАСАП стандардот. И европската регулатива за примарно традиционално производство е полабава, па затоа не постојат некои посебни барања за регистрација како што се за класичните млекарници.