Традиционално, со топла ракија и осветено гранче прославете го Бадник пред Соборна

Традиционално, со греена ракија и дабово гранче за среќа и бериќет скопјани ќе го дочекаат бадник на платото на Соборниот храм.

Граѓанското здружение „Организационен одбор за традиционална прослава на Бадник“ во  понеделник на шести  јануари ги повикува скопјани на традиционалниот граѓански собир по повод големиот христијански празник Бадник.

Честа да ја каже здравицата на бадникарски свечености во 2014 година ќе ја има примариус доктор Владимир Плавевски, а кум кој ќе дели бадникови гранчиња пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“  е Методија Стефановски – Тоде познат како Тоде Панда.

Манифестацијата ќе почне во 9.30 часот со кревањето на бадниковото знаме и со изведба на бадниковата химна од страна на „Силви бенд“. Потоа ќе бидат осветени бадниковите гранчиња, кои на 22 декември беа набрани од падините на Водно, кои заедно со топол чај, греена ракија и нафора ќе им се поделат на присутните верници. За тоа време деца ќе пеат коледарски песни.

Во 10.30 часот ќе биде пречекан новиот кум, Методија Стефановски-Тоде, а потоа и стариот кум Даниел Воиновски.

Поглаварот на МПЦ архиепископот г. г. Стефан ќе изведе водосвет и ќе ја благослови кумовата погача, по што ќе се им се обрати на присутните. Потоа здравичарот ќе ја каже здравицата. Ќе се обрати и скопскиот градоначалник Kоце Трајановски, како и новиот кум, кој ќе го земе бадниковиот ќуп и ќе замине со пајтон.

Бадниковите свечености ќе се одржат по 22. пат на платото пред Соборниот храм „Свети Kлимент Охридски“.

Оваа година се одбележува и 20 -годишнината од здружението скопски бадникари, и по тој повод на 31 јануари идната година ќе биде промовирано второто издание од монографијата „Скопско бадникување 1993-2013“, како аманет за идните генерации кои ќе ја продолжат традицијата. Во неа ќе пишува за корените на бадникарските свечености, за кумовите, за здравичарите, за пораките од поглаварите на МПЦ.