Трагедија во Штип, 15 месечно бебе затруено со отров во градинка?

Според неофицијални информации, вчера во Штип 15 месечно бебе изело отров за глувци кој бил поставен во собите во кои престојуваат деца во градинката. Директорот на градинката Астибо, Иле Митров каде што се случил настанот негира дека детето изело отров, туку поради сомнеж на една од вработените,  детето било однесено во болница од каде што констатирале дека нема никакво труење.

„Во петокот и саботата се вршеше редовна дератизација, дезинфекција и дезинсекција (3Д) од страна на Хигиенскиот завод во Штип според сите прописи и процедури. Таков отров за физички да се стави во уста, воопшто не може да се најде, бидејќи се прска. Бидејќи детето ставило нешто во уста, една од вработените се посомневала да не е случајно нешто отровно, имајќи предвид дека викендов се вршеше 3Д. Откако ме повикаа и ми го кажаа случајот, превентивно решив детето заедно со родителите да се однесе во болница, каде што според испитувањата констатирано е дека нема ништо. Но, родителите и покрај тврдењата на медицинскиот персонал дека може детето да си оди дома, одлучиле детето да го однесат во болница во Скопје. Јас сум во контакт со еден од родителите и тој потврдува дека испитувањата во Скопје исто така покажале дека се е во ред, протоколарно се задржани 24 часа,“ вели директорот на градинката Митров.

Од болницата во Штип се уште немаме официјална информација.

Како што пишуваат на социјалните мрежи, мајката е во болница со детето, на кое му е перен стомакот и е даден противотров. Според овие неофицијални информации, мајката и детето се се уште во болница со инфузии и стравувале за денешниот ден зошто отровот имал продолжено дејство.

Чекаме одговор и од мајката.