Трајановски алелира да се помогне со механизација за расчистување на теренот

Екипи на Град Скопје и на јавните градски претпријатија и денеска се на терен во Сингелиќ и ги расчистуваат последиците од катастрофалното невреме што во саботата го зафати Скопје.

Градоначалникот Коце Трајановски изјави дека за расчистување на теренот е потребна механизација зашто не се доволни малите камиони-скипови и камионите и цистерните со кои работат.

– Апелирам до сите фирми и компании кои имаат помала механизација да се вклучат во расчистувањето и да ја стават на располагање. На терен има многу доброволци, мислам дека денеска има околу 500 граѓани и очекуваме овој број двојно да се зголеми. Тие со лопати и колички се вклучија во расчистувањето на куќите и на дворовите. И во текот на изминатата ноќ екипите беа на терен и ги расчистуваа непристапните улици. Апелирам граѓаните да покажат трпение и разбирање додека трае акцијата за расчистување. Свесни сме дека тие претрпеа огромни штети и ние вложуваме натчовечки напори да им помогнеме, изјави Трајановски во Сингелиќ.

Во расчистувањето на дворовите, додаде скопскиот градоначалник, најмногу се вклучени работници на градските јавни претпријатија, војската е вклучена и во делењето на хуманитарната помош, но има и многу граѓани кои дошле со своите трактори за да ги изнесат наносите од понепристапните дворови и места. Со поголеми камиони тие потоа се носат во депониите.

Град Скопје соопшти дека нивните екипи ќе останат на терен се додека не се создадат услови граѓаните да се вратат во своите домови.