Трајановски: Ги исправаме грешките од минатото

Градот Скопје спроведува повеќе активности за справување со поплавите кои настануваат поради поројните дождови. Градскиот татко, кој денеска ја посетил улицата Финска, каде жителите од Ченто поминаа најкритично во невремето, информираше дека проектот почнал да се корегира, а веќе од утре ќе започне реализација на истиот.

„Подобрување ќе има и за другите делови кои се „црни точки““, рече градоначалникот Коце Трајановски.

Во делот кај „Бриколаж“, односно кај подвозникот, веќе има подобрување, со тоа што е зголемен капацитетот на пумпите од 3.600 литри во минута на 7.200 литри во минута. Веќе има и проектантско решение за делот под Стоковната мост.

„Невремето што беше пред месец дена и ова од пред една недела, мислам дека доколку се повтори со истиот интензитет, што и да направиме не можеме да овозможиме овие критични точки целосно и постојано да бидат во функција. Ние можеме само да ветиме дека ќе направиме подобрувања за тие застои да бидат што помали“, истакна Трајановски.

Во соработка со општините и Министерството за транспорт и врски, Градот веќе изготвува и проекти за големи фекални и атмосферски колектори, чија вредност најверојатно ќе биде повеќе од 15 милиони евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.