Трајановски го посети СОС детското село

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски денеска го посети детското СОС село.

Оваа посета градоначалникот Трајановски традиционално ја прави во пресрет на новогодишните и божиќните празници, каде на децата им подели новогодишни пакетчиња.

– Улогата на СОС Детското село е огромна за сите згрижени деца, затоа што од таму заминуваат како независни и изградени личности со вредности, знаења и вештини за самостоен живот. Ние возрасните имаме обврска да се потрудиме правата на децата да ги направиме приоритет, а децата пак можат да ни возвратат со тоа што ќе научат да уживаат во своето право на безгрижно детство. Во оваа прилика би сакал посебно да ги поздравам СОС мајките и СОС родителите, чија улога е од највисоко и исклучително значење. Тие со својата грижа и внимание, споделувајќи ги сите радости и таги кои ги носи секојдневието, им помагаат на децата да ја почувствуваат сигурноста на топлиот дом и љубовта од ближните и им помагаат да растат и да се развиваат во стабилна семејна средина, исправајќи ги пред животните предизвици како изградени, силни, независни личности и одговорни граѓани – кажа градоначалникот Трајановски.

Тој на вработените и на децата во СОС Детското село им ги честита празниците и им пожели здравје и среќа во Новата 2017 година.

За време на посетата беше организирана и приредба, а за континуираната поддршката и долгогодишната соработка на СОС Детско село, на градоначалникот Трајановски му беше доделена плакета.

Градот Скопје и годинава додели финансиска помош за потребите на СОС Детското село. Секоја година Град Скопје дава поддршка за работата на СОС Детското село преку донации и набавки на препрати и апарати за неговото функционирање, а секоја година се подаруваат и пакетчиња за 150 деца во СОС Детско Село и згрижувачки семејства.

poseta-na-sos-detsko-selo-1

Покрај поддршката за овој центар, Градот Скопје секоја година дава поддршка на проекти кои го унапредуваат менталното и емоционално здравје на децата.