Трајановски на средба со здрженијата и фондациите

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска оствари средба со претставници од дел од здруженијата на граѓани и фондации кои функционираат во Скопје.

На оваа средба здруженијата на граѓани беа запознаени со плановите за дејствување на Градот Скопје во областа на поддршка на овие здруженија и фондации.

– Град Скопје, преку Секторот за меѓународна соработка и Одделението за соработка со здруженија на граѓани и фондации со години наназад на разни начини се обидува да ги подобрува капацитетите на Здруженијата на граѓани и фондации кои гравитираат на територијата на Градот Скопје. Во таа насока и за таа цел во изминатите години се спроведени повеќе јавни повици во различни сектори во Градот Скопје, каде што јавни повици спроведуваат Секторот за Меѓународна соработка и соработка и поддршка на здруженија на граѓани и фондации, Секторот за јавни дејности (Одделението за Социјална и детска заштита, Одделението за култура и Одделението за спорт), како и Секторот за заштита на животната средина и природата при Град Скопје, рече градоначалникот Трајановски на средбата.

Градот Скопје во областа на здруженијата на граѓани функционира согласно со Стратегијата за поддршка на здруженијата на граѓани и фондации за периодот од 2013 до 2016 година. Со оваа статегија се разработува рамка за идни активности кои ќе овозможат понатамошно зајакнување и развој на соработката со граѓанскиот сектор со Град Скопје.

Rabotilnica so NVO (2)

Основна цел на Стратегијата на Град Скопје за поддршка на здруженијата на граѓани и фондации е да овозможи активно вклучување на граѓанските организации во процесите на дефинирање на развојни активности и иницијативи на Градот Скопје, како и да создаде предуслови за ефикасни партнерства помеѓу граѓанскиот сектор и Градот Скопје.

– Стратегијата на Град Скопје за поддршка на здруженија на граѓани и фондаци се стреми да обезбеди поволна средина за понатамошниот развој на граѓанскиот сектор и да создаде услови тој да биде препознаен како еден од основните актери во секое современо демократско општество и со тоа да биде еден од основните партнери на Градот Скопје во остварувањето на неговиот иден развој, рече Трајановски.

Претставниците на здруженијата на граѓани го запознаа градоначалникот Трајановски и претставниците на Сектор за меѓународна соработка и соработка и поддршка на здруженија на граѓани и фондации со дел од проблемите и предизвиците со кои се соочуваат, а средбата ја искористија за да дадат поголем број предлози и сугестии за продлабочување на соработката помеѓу нив и Градот Скопје.