Трајкоски: Дебрца станува посакувано место за живеење

Со низа проекти и многу работа Општина Дебрца денес станува посакувано место за живеење, рече во понеделникот градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски, во текот на презентирањето на отчетот пред граѓаните за сработеното во изминатиот четиригодишен мандат.

„Денес по четири години од преземањето со управување на Општина Дебрца, почнувајќи од самиот почеток се поставија приоритетните проекти, активности и мерки кои беше неопходно да се превземат и имплементираат, со една заедничка крајна цел, обезбедување на директни придобивки и подобрени услуги за целото население во Општина Дебрца“, рече Трајкоски.

Посочи дека за да се постигне тоа неопходно било постојано и макртрпно ангажирање, работа којашто, како што рече Трајкоски, носи подобро и која е нашата главна одлика.

„Работата е она што не прави поразлични од нашите политички опоненти и работата е она што ја движи земјата напред и ги штити нејзините интереси“, рече градоначалникот на Дебарца од ВМРО-ДПМНЕ.

Потсети дека и изминатите години транспарентно и за секоја година беше презентиран отчетот за сработеното за изминатиот период кој поминал.

„Во Општина Дебрца во изминативе години сработени се многу проекти, сите тие можете да ги погледнете во Отчетот за сработени проекти 2013/2017, кој денеска ќе Ви биде презентиран, а во оваа прилика ќе наведам дел од нив“, рече Трајкоски.

Меѓу другото, истакан дека се изградени вкупно 22 улици и помали улички, со вкупна должина од 14,2 км, со вкупна вредност од 706.110,0 евра, како и дека се изградени и реконструирани се вкупно 9 водоводни мрежи и реконструкција на водоводни системи, изградени се вкупно 4 канализациони системи, сите тие со вкупна должина од 29,5 км, со вкупна вредност од 820.000,00 евра

Посочи и оти се реконструирани и изградени 5 основни уличишта од вкупно 11 основни училишта кои се наоѓаат на територијата на Општина Дебрца, изградено е ново основно училиште во Волино, а реконструирани се основните училишта во Требеништа, Ботун, Лешани и Оровник, сето тоа со вкупна вредност од околу 210.000,0 евра

Изградени и реконструирани се вкупно 7 повеќенаменски и фудбалски игралишта, и тоа, изградени се нови фудбалски игралишта во Оровник и Горенци, реконструирани се игралиштата во Ботун и Волино, а исто така извршена е реконструкција на фудбалските игралишта за голем фудбал во Злести, Волино и Белчишта, сето тоа со вкупна вредност од над 100.000 евра.

Покронкретно како поголеми проекти Трајкоски ги наведе изградбата на регионален колектор за одведување отпадни води за селата Мешеишта, Климештани, Волино, Требеништа и Горенци, потоа изградбата на фекална канализациона мрежа во селата Мешеишта и Горенци.

Ги наброја и изградбите на резервоар за вода и Реконструкција на водоводна мрежа во село Требеништа, на спортска сала „АМИНТА III” во село Требеништа, на пешачката патека покрај Охридското Езеро во Оровник и изградбата на ново училиште во Волино

„Ова е само дел од сето она што е сработено во изминатите четири години, а реализирани се преку 75 проекти од областа на инфраструктурата, образованието, културата, спортот, туризмот и секојдневниот живот. Постигнатите резултати и успесите се поголеми кога се заслужени и кога се вреднувани од пошироката заедница. За мене како човек, големо значење имаше поддршката што ја добив од локалното население, како предизвик и мотивација, за реализација на проектите што рековме дека ќе ги исполниме и мерките што ветивме дека ќе ги спроведеме. Вербата во развој, сигурна иднина и пристоен живот се преточени во реализираните проекти“, рече Трајкоски.

На крајот додаде дека негова лична желба е Општина Дебрца да стане едно пристојно и посакувано место за живеење, како и дека тоа може да се постигне со заедничка работа, работа која носи подобро.