Трајковски: Двосменското работење на градинките СДСМ е гол предизборен популизам

Со најавата за воведување на двосменско работење во градинките, СДСМ прави популизам за да собере дневно-политички поени во пресрет на локалните избори, реагира градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Тој има забелешки, во прв ред, за начинот на кој Министерството за труд и социјална политика на чело со министерката Мила Царовска од СДСМ ја започнаа оваа постапка. Самата најава за воведување била испратена на маил-адреса само до директорите на градинките, а веднаш потоа била одржана прес-конференција, игнорирајќи ја локалната самоуправа, рече Трајковски.

„Министерството досега има испратено само едно известување, на 18-ти август, каде ги задолжува директорите за од 1-ви септември да воведат двосменско работење и работа во сабота. Ние како локална самоуправа сакаме да им помогнеме и да им излеземе во пресрет на граѓаните за двосменско работење, но тоа никако не смееме и нема да дозволиме да биде на штета на нашите деца. Кога велам на штета на нашите деца, тука пред се мислам на начинот на кој што ова се планира да се спроведе. Ние предлагаме за да може да се направи квалитетно згрижување на децата, да се направи прво прецизна анализа за тоа какви се потребите на граѓаните и потоа заеднички да направиме квалитетна подготовка. Да не настанат потоа определени проблеми“, истакна градоначалникот на општина Гази Баба.

Трајковски ја прашува министерката Царовска како има план да се покријат дополнителните трошоци за греење, исхрана, дополнителните вработувања.