Трајковски на медицински прегледи во Италија

Македонскиот репрезентативец Александар Трајковски синоќа околу 22.40 часот пристигнал во Италија со цел да ги изврши медицинските прегледи пред трансферот во калчолигашот Палермо.

Крилниот напаѓач дефинитивно го напушта белгискиот тим Зулте Варегем и ќе направи голем чекор напред во својата кариера, бидејќи од следната сезона ќе настапува во една од најквалитетните лиги во светот. Со оглед на фактот што Трајковски има уште една година од договорот, Зулте Варегем и Палермо веќе се договориле за оштетата.

Италијанските медиуми нашиот фудбалер го најавуваат како замена за Пауло Дибала, кој од понеделник ќе биде нов фудбалер на шампионот Јувентус. Македонија од следната сезона во Серија А ќе има двајца фудбалери, а покрај Александар Трајковски тоа ќе биде и Горан Пандев, кој ќе игра за Џенова.