Трајковски: Реализиравме стотици проекти со кои се подобри животот на граѓаните

Нашата препознатливост е одговорно, транспарентно, домаќинско и отчетно работење. Изминативе четири години работев заедно со советниците, општинската администрација и граѓаните во реализација на стотици проекти кои ги подобрија условите за живот на нашите граѓани. Ова на денешната прес-конференција го истакна градоначалникот на општина Гази Баба Тони Трајковски, на која даде отчет за сработеното.

Тој нагласи дека од 318 предложени проекти во 2013 година, досега се реализирани 292 проекта или 92 отсто. Дополнително се реализирани уште 76 проекти како резултат на барањата на граѓаните.

Трајковски презентира дел од реализираните проекти. Асфалтирани се 82 улици во должина од 36 километри во повеќе населени места, тампонирани се улици во должина од 59 километри. Изградени се тротоари, пешачки патеки и плоштади во површина од 19.650 метри квадратни во населбите Кирил Петрушевски, Маџари, Триангла, Автокоманда, Железара, Ченто…

– Изграден е простор за паркирање со површина од 5.820 метри квадратни во населбите Триангла, Автокоманда, Хиподром, Ченто и Маџари. Изградени се 11 километри водоводна мрежа во Раштак, Булачани, Страчинци, Инџиково, Кирил Петрушевски, Хиподром 2, Ченто, Гоце Делчев, Сингелиќ и Стајковци и нов резервоар за вода во Раштак од 120 метри кубни, рече Трајковски. Додаде дека се изградени атмосферски и фекални канализации во должина од 31 километар во повеќе населени места.

Потенцира дека е изградено ново основно училиште „Гоце Делчев“ во Железара, во градба е ОУ „Вера Јоциќ“ во Хиподром и реконструирани се сите 15 основни училишта. Изградена е градинката „Морковче“, а реконструирани се 10 објекти на градинките „Детска радост“ и „25 Мај“. Изградена е една спортска сала во населбата Ченто, во соработка со Агенцијата за млади и спорт, изградени се 16 спортски игралишта за фудбал и кошарка, едно за тенис, а со јавно-приватно партнерство во соработка со спортскиот клуб „Вардар“ изграден е најмодерен тренинг камп за фудбал со две игралишта и апартмани за спортистите.

Изградени се 29 детско-забавни игралишта со детски реквизити и урбана опрема, а во тек на градба е новиот културен центар во Автокоманда кој треба да биде завршен до крајот на оваа година. Проектот се реализира со компанијата „Fames“ и предвидува најсовремено музичко студио и модерен мултифункционален простор со библиотека.

Трајковски најави дека до крајот на годинава ќе се асфалтираат улици во Трубарево, Јурумлери, Идризово, ќе се продолжи со изградба на фекалната канализација во Гоце Делчев, Јурумлери, Црешево и Смилковци, а издвоени се средства и за откуп на земјиште за изградба на градинка во Стајковци. Ќе се асфалтира паркингот во Триангла.