Трамп е спремен на војна со Северна Кореја, тврди сенаторот Грејем

Американскиот сенатор Линдзи Грејем изјави дека претседателот Доналд Трамп е подготвен за војна со Северна Кореја доколку Пјонгјанг продолжи да се обидува да ги погодат САД со нуклеарни проектили.

– Претседателот Трамп рече: Нема да ви дозволам да направите интерконтинентална балистичка ракета со боева глава за да ја погодите Америка“. Тие се движат во една насока и нема да ја напуштат ако не мислат дека на маса има кредибилна воена опција – рече републиканскиот сенатор за телевизијата „Ен-би-си“.

Грејем рече дека „постои воена опција, а тоа е уништување на севернокорејската програма и на самата Северна Кореја“.

Северна Кореја во петокот лансираше интерконтинентална ракета за која тврди дека би можела да досегна до територијата на САД.

Поради тоа, Трамп изрази незадоволство кон Кина и во саботата изјави дека нема да му дозволи на Пекинг да не прави ништо во врска со Северна Кореја.

– Да сум Кина, би се обидел да направам нешто. Северна Кореја ќе биде запрена, или воено, или дипломатски – рече Трамп.