Трамп ги обнови санкциите за Пјонгјанг поради „вонредна закана“

Американскиот претседател Доналд Трамп ги продолжи за уште една година санкциите против Северна Кореја, повикувајќи се на „вонредна закана“ од нуклеарното оружје коешто го поседува оваа земја, само десет дена откако по средбата со севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун во Сингапур изјави дека од Пјонгјанг повеќе нема закани за САД.

Овие санкции се на сила од 2008 година, а се обновуваат со извршен указ од претседателот на Соединетите држави.

„Постоењето и опасноста од ширењето на физискиот материјал употреблив за оружје на Корејскиот полуостров, како и постапките и политиките на владата на Северна Кореја и натаму се невообичаени и вонредна закана за националната безбедност, надворешната политика, економијата на САД“, се наведува во указот што го потпиша американскиот претседател Доналд Трамп.

По средбата со севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун во Сингапур на 12-ти јуни, Трамп најави дека санкциите ќе бидат укинати дури откако Пјонгјанг ќе оствари напредок во денуклеаризацијата. Меѓутоа, веќе следниот ден по историскиот самит, американскиот претседател на Twitter напиша „Секој денеска може да се чувствува посигурно од оној ден кога ја преземав должноста, повеќе нема нуклеарна закана до Северна Кореја“.

Указот на Трамп потпишан ноќта во петокот, се совпадна со објавата на американското министерство за одбрана за откажување на воените вежби со Јужна Кореја на неодредено време, како покажување добра волја во натамошните преговори со Пјонгјанг кој ваквите активности ги оценува како агресија кон него и со нив го оправдуваше поседување на нуклеарниот и балистички арсенал. Пентагон објави дека целат на откажувањето е да се поткрепат дипломатските преговори со северна Кореја коишто ги води државниот секретар Мајк Помпео.