Трамп ги разгледува ефектите од преселувањето на амбасадата во Ерусалим

Американскиот претседател Доналд Трамп настојува да утврди како спроведувањето на неговото ветување за преселување на американската амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим би можела да влијае врз неговите надежи за посредување во примирјето меѓу Израелците и Палестинците, изјави државниот секретар Рекс Тилерсон.

Од преземањето на претседателската должност во јануари Доналд Трамп покажуваше знаци на одложување на ветувањето од својата претседателска кампања кога критикувајќи ја политиката на администрацијата на својот претходник Барак Обама кон стратешкиот сојузник Израел, меѓу другото рече дека ќе ја дислоцира амбасадата на САД во оваа земја од Тел Авив во Ерусалим, спротивно на желбите на Палестинците и поголемиот дел од меѓународната јавност, истовремено ветувајќи дека ќе стори сé што е потребно да се постигне блискоисточниот мировен договор.

„Претседателот многу вимателно разгледува колку одлуката ќе влијае врз мировниот процес“, изјави државниот секретар Рекс Тилерсон во емисијата „Meet the Press“ на телевизиската мрежа NBC News во неделата. Оваа изјава доаѓа неколку дена пред почетокот на турнејата на Трамп на Блискиот исток во рамките на којашто ќе се сретне и со израелските и со палестинските челници.

Тилерсон рече дека одлуката на Трамп многу зависи од тоа како на тоа гледаат во регионот, вклучително и „дали Израел тоа ќе го смета за полезно за мировната иницијатива или за попречување“, додаде државниот секретар на САД.

Неговите коментари предизвикаа брза реакција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. „Израел во многу наврати ги кажа своите ставови пред американската администрација и пред светот“, се наведува во писмената изјава од неговиот кабинет.

„Преместувањето на американската амбасада во Ерусалим нема да му наштети на мировниот процес, токму спротивно. Ќе го унапреди со исправување на историската грешка и со разбивањето на палестинската фантазија дека Ерусалим не е главен град на Израел“, се наведува во изјаваа на Нетанјаху.

Палестинците посакуваат Ерусалим, особено источниот дел кој меѓународната заедница го смета за окупирана палестинска територија од Израел во војната од 1967 година, да биде главен град на нивната идна држава. Додека Израел повеќепати истакна дека го смета за своја „историска, вечна и неделива“ престолнина. И двете страни за тоа наведуваат библиски, историски и политички аргументи.

Според коментаторите, секоја одлука со која двете страни во мировните преговори ќе сметаат дека ја нарушува состојбата на статус-кво, може да предизвика незадоволство кај арапските американски сојузници на Блискиот исток, како што се Саудиска, Арабија, Јордан, Катар или Египет. САД во моментов се потпираат на овие земји во борбата против џихадистичката организација Исламска држава, која новиот американски претседател ја нарече приоритет за неговата администрација.

Американскиот Конгрес во 1995 година изгласа закон со кој Ерусалим го нарекува главен град на Израел и одредува дека тој не смее да биде поделен. Меѓутоа, досега и републиканските и демократските претседатели откако доаѓаа на власт ги користеа своите овластувања за да ја задржат американската амбасада во Тел Авив и ги поткрепуваа преговорите за Ерусалим меѓу Израел и Палестинците.