Трамп ги задржува санкциите против Русија до решавање на кризите во Украина и Сирија

© РИА Новости / Сергей Гунеев

Американскиот претседател Доналд Трамп гарантираше во неделата дека санкциите против Русија нема да бидат ублажени сѐ додека не бидат решени кризите во Украина и во Сирија, а републикански пратеници бараат Москва „да биде казнета“ поради наводното мешање во американските претседателски избори минатата 2016 година кога победи токму нивниот кандидат.

„Ништо нема да биде сторено сѐ додека не се решат украинскиот и сирискиот проблем“, напиша на социјалната мрежа Twitter американскиот претседател Доналд Трамп по враќањето од четиридневниот престој во Европа каде што првпат во четири очи разговараше со рускиот претседател Владимир Путин. „За санкциите не разговаравме“, додава Трамп.

На сличното прашање поставено во петокот, американскиот државен секретар Рекс Тилерсон навести дека Трамп го споменал нацрт-законот за новите санкции против Русија кој во моментов е на разгледување во американскиот Конгрес.

Во врска со Украина Вашингтон и натаму ја обвинува Москва дека ги поддржува рускојазичните сепаратисти на истокот од земјата и на 20 јуни усвои нови санкции против неа. Овие санкции се однесуваат на 38 поединци во Украина и двајца руски владини функционери и на дваесет поединци и организации кои дејствуваат на црноморскиот полуостров Крим, кој преку референдум на тамошното мнозинство се присоедини на Руската Федерација пред три години, но Западот го смета за нелегално руско анкетирање на украинска територија.

Русија ги негира ваквите обвинувања од САД дека воено ги помага украинските бунтовници и го повикува Вашингтон да ја преиспита својата улога во започнувањето на кризата во Украина кон крајот на 2013 и почетокот на 2014 година. Москва ги искористи самитот на Г-20 во Хамбург на кој една од најважните теми беше протекционизмот во трговијата, за да обвини дека санкциите против Русија се еден вид прикриен протекционизам.

Американскиот претседател, исто така, во неделата го коментираше својот прв состанок со рускиот челни на маргините од самитот на Г-20 во Хамбург.

„Јас двапати во многу остра форма го поставив пред претседателот Путин прашањето за руското мешање во нашите избори. Тој категорично го негираше тоа“, напиша Трамп на Twitter.

Американскиот претседател, исто така, изрази надеж дека работната група за кибернетичка безбедност, чиешто воспоставување го разгледувал со рускиот колега по должност ќе овозможи да се одбегнат темите за „мешање“.

Трамп истакна и дека на средбата се договориле за примирје во југоисточна Сирија „коешто ќе спаси животи“ и додаде дека „дојдено е времето да се оди напред во конструктивна соработка со Русија“.
Неколку републикански пратеници во неделата го критикуваа претседателот Трамп оценувајќи дека зад неговиот привидно остар настап кон Путин не бил доволно цврст кога разговарале за наводното руско мешање во ланските американски претседателски избори.

„Доналд Трамп, се чини, сака да му прости на Путин и да заборави“, рече Линдсеј Греам.

Трмп твиташе дека е „Време да се оди натаму на конструктивен начин со Русија“, а таа негова порака ја коментираше републиканскиот сенатор Џон Меккејн, познат како непоправлив противник на Москва.

„Време е да се тргне напред, да, но за тоа треба да се плати цената“, изјави Меккејн за американската телевизиска мрежа CBS News и го критикуваше заедничкиот проект „единици на кибернетичка безбедност“ за што разговарале Трамп и Путин.

„Сигурен сум дека Владимир Путин ќе биде од голема помош во таа иницијатива“, ирнонизираше Меккејн и додаде „во тоа што тој е оној кој хакира“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.