Трамп го поканил Путин да се сретнат во Вашингтон

Американскиот претседател Доналд Трамп во телефонскиот разговор со неговиот руски колега по должност Владимир Путин, одржан на 20-ти март, предложил одржување билатерална средба во Вашингтон, открива во понеделникот Јуриј Ушаков, помошник на рускиот претседател.

„Доколку сѐ оди добро, се надевам дека Американците нема да се откажат од својот предлог да се разгледаат можностите за одржување самит. Во текот на телефонскиот разговор на нашите претседатели, Трамп предложил првата средба да се одржи во Вашингтон, во Белата куќа“, изјавил Ушаков на брифинг со новинарите, пренесува агенцијата РИА:

Притоа советникот на рускиот челник истакнал дека можноста за ваков контакт меѓу лидерите на двете суперсили чиишто односи последните четири години се на најниското ниво од крајот на Студената војна, не била разгледувана за првата половина од годинава.

„По разговорот, кој имаше конструктивен работен карактер, беа допрени бројни прашања. Потоа се случи уште еден судир во нашите билатерални односи – протерувањето на 60 (руски) дипломати, затворањето на генералниот конзулат (на Руската Федерација во Сиетл). На овој чекор руската страна беше принудена соодветно да одговори“, истакнал Ушаков алудирајќи на најновата ескалација во односите меѓу Вашингтон и Москва, откако САД преземаа уште едни во низата санкции против Русија солидаризирајќи се со Велика Британија која ја обвинува руската влада дека стои за труењето со нервен агенс на поранешен двоен руско-британски шпион во англискиот град Солсбери на 4-ти март.

Ушаков додал дека поради оваа причина, по 20-ти март прашањето за организација на средбата на двајцата лидери не било покренато.

Од својата страна, пак, од Белата куќа изјавиле дека Трамо со Путин разговарал за „редица можни места за одржување на средба“.

Откако Трамп ја презема должноста на 20-ти јануари 2017 година, двапати се сретна со Путин. Ланскиот јули двајцата претседатели имаа долги разговори на самитот на Г20 во германски Хамбург, кога разговараа за клучните прашања од влошените билатерални односи, односно сириската и украинската криза. Во ноември Трамп и Путин имаа разговор „од нога“ на самитот на APEC во виетнамски Дананг. Во текот на средбата тие договорија заедничка изјава во врска со ситуацијата во Сирија. Од тогаш се одржаа уште неколку телефонски разговори на линија Белата куќа и Кремљ.