Трамп го повика Ердоган да не „ризикува конфликт“ со силите на САД во Сирија

Американскиот претседател Доналд Трамп го повика во средата турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган да ги ограничи воените операции на турската армија против курдските милиции во северна Сирија и да избегне дејствија со коишто се ризикува судир со американските сили распоредени на сириска територија.

Двајцата челници разговараа откако претходно истиот ден турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган најави дека Турција ќе ја прошири својата воена операција и на сирискиот град Манбиџ, што е потег кој може да доведе до конфронтација на турските сили со силите на САД, нивен сојузник во НАТО.

„Претседателот Трамп ја пренесе загриженоста дека со ескалација на насилствата во Африн во Сирија се ризикува поткопување на нашите заеднички цели во Сирија“, соопшти во средата ноќта по средноевропско време Белата куќа.

Тие цели се пораз на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава и враќањето на повеќе од 100.000 сириски бегалци во својата татковина, му порачал Трамп на Ердоган.

„Ја повика Турција на деескалација, да ги ограничи своите воени акции, да избегнува цивилни жртви и растење на бројот на протераните и бегалците. Ја повика Турција да биде претпазлива и да избегнува какво и да е дејствување со коишто се ризикува судир меѓу турските и американските сили“, се наведува уште во писмената изјава од Белата куќа.

„Претседателот Трамп изрази загриженост и поради деструктивната и лажна реторика којашто доаѓа од Турција, како и поради американските граѓани и локалните службеници кои се притворени во рамките на продолжената вонредна состојба во Турција“ по неуспешниот обид за воен преврат од 15-ти јули 2016 година, соопшти Белата куќа.

Ердоган од своја страна, во сиот разговор на Трамп му порачал дека САД мора да престанат со оружје да ги снабдуваат паравоените единици на сириските Курди, милицијата Единици за заштита на народот (YPG), соопшти кабинетот на турскиот претседател.

Турската копнена и воздушна „Операција маслиново гранче“ во регионот на градот Африн на северот од Сирија во средата влезе во петтиот дена, а цел се борците на YPG, со што се отвори ново боиште во сирискиот седумгодишен конфликт. Целта на операцијата е „да ги исчисти терористичките елементи“ од регионот поради националната безбедност на Турција, а се изведува во согласност со меѓународното право, соопшти кабинетот на Ердоган.

САД неодамна признаа дека во Сирија имаат распоредено најмалку 2.000 припадници на специјалните сили кои наводно таму пристигнале минатиот март, и тоа откако нивното распоредување го разоткри Турција, а Русија го обвинува Вашингтон дека формирал нелегални бази во коишто американските специјалци ги обучуваат припадниците на џихадистичката Исламска држава во други формации за да предизвикаа дестабилизација на Сирија и на регионот. Турското копнено навлегување во Сирија може да претставува закана за плановите на САД да создадат голем дел од североистокот на Сирија надвор од контрола на претседателот Башар ал-Асад кој е руски сојузник.

Турција смета дека YPG, најсилната групација во рамките на апраско-курдската коалиција Сириски демократски сили (SDF), коишто ги формираше, вооружува и обучува САД, се дел од забранетата Работничка партија на Курдистaн (PKK) која со децении се бори против турската држава на југоистокот од земјата. Анкара повеќепати, како и нејзиниот непријател официјален Дамаск, објави дека нема да дозволи курдските борци да ја контрилираат сириската територија на своите јужни граници.

Турскиот напад следеше по седмицата предупредувања од турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и членовите на неговата влада. Анкара особено ја разгневи американската најава за обука и вооружување на 30.000 курдски борци на североистокот од Сирија. Јакнењето на курдските сили во Сирија, Турција го смета за закана по нејзината безбедност стравувајќи од создавање на независна курдска држава на својата јужна граница. Курдите во Сирија пред две години прогласија веќе автономија и независност, што беше осудено од сите фактори во сирискиот конфликт, а исто така, и автономниот курдски регион во соседен Ирак одржа референдум за независност, што наиде на осуди.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.