Трамп го предупредува Пјонгјанг дека ќе зажали ако го нападне Гуам, Јапонија разместува ракети

Американскиот претседател Доналд Трамп одново му се закани на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун дека ќе зажали доколку ја нападне американската пацифичка територија Гуам, а Јапонија во саботата го размести својот противракетен систем „Patriot“ по заканите од Пјонгјанг за ракетирање на областа близу Гуам.

„Доколку стори што и да е во насока на Гуам или некоја друга американска територија, или некој американски сојузник, тој навистина и многу брзо ќе зажали“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп на неформалната прес-конференција во Бедминстер, неговото голф летувалиште во сојузната држава Њу Џерси, каде престојува во работен одмор.

На прес-конференцијата беше придружуван од државниот секретар Рекс Тилерсон, амбасадорката при ОН, Ники Хејли, и од советникот за национална безбедност Ејџ Ар Мекмастер.

Трамп изјави оти се надева дека Северна Кореја потполно ќе ја сфати тежината на неговите зборови. „Се надевам дека целосно ќе ја сфатат тежината на она што го реков. А тоа што го реков тоа и го мислам. Тие зборови многу лесно се разбираат“, предупреди американскиот претседател.

Северна Кореја соопшти дека до средината на август ќе биде завршен планот за лансирање на четири ракети со среден или долг дострел врз американската пацифичка територија Гуам и ќе му го претстави на водачот Ким Џонг-ун кој ќе ја донесе одлуката за следните чекори.

Тоа придонесе за продолжување на ескалацијата на тензиите меѓу Пјонгјанг и Вашингтон, откако претходно седмицава американскиот претседател Доналд Трамп ја предупреди Северна Кореја дека ќе се соочи со „оган и гнев“ доколку не престане да им се заканува на САД. Американскиот претседател претходно во петокот ја заостри реториката порачувајќи му на Пјонгјанг дека американското оружје е „наполнето и подготвено“..

Трамп, исто така, за новинарите рекол дека во следните часови ќе разговара со кинескиот претседател Кси Џинпинг за „многу опасната ситуација“ којашто се однесува на Северна Кореја.

Најави и дека разгледува дополнителни санкции „многу силни, на многу многу високо ниво“, но за нив не изнесе никакви поединости. Го осуди севернокорејскиот режим кој лошо се однесува „веќе со години, веќе со децении“.

Запрашан да ја коментира изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел, која во петокот рече дека е против военото решение и ја осуди вербалната војна меѓу Пјонгјанг и Вашингтон, Трамп изјави дека нејзините зборови се „однесуваат на Германија, сигурно не се однесуваат на САД“. Притоа Меркел ја нарече „многу добра личност“ и „пријателка“.

Истовремено во саботата утрото јапонскиот јавен сервис NHK објави дека тамошното министерство за одбрана започнало со распоредувањето на американскиот противракетен систем „Patriot Advanced Capability 3“ (PAC-3) во Шимана, Хирошима и Кочи, на западот од земјата.

По објавата на Северна Кореја за можен ракетен напад врз Гуам, овие градови би можеле да се најдат на траекторијата на севернокорејските проектили. Телевизиските снимки направени во саботата прикажуваат воени возила кои во мугрите пренесуваат лансирни рампи и други елементи од противракетниот систем во воена база во Кочи.

Јапонската влада објави претходно дека има намера да ги собори севернокорејските ракети кои евентуално би претставувале закана за јапонската територија.

Јапонската службена новинска агенција Kyodo, цитирајќи функционери од министерството за одрана, објави дека во текот на утрото ќе биде завршено распоредувањето на противракетните системи на западот на Јапонија.

Според портпаролот на јапонската влада, Јошихида Суга, Токио „никогаш нема да ги толерира“ провокациите од Северна Кореја, а јапонските одбранбени вооружени сили ќе ги преземат потребните мерки.