Трамп го прими Порошенко и ги засили санкциите против Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот вечерта го прими украинскиот колега по должност Петро Порошенко додека неговата администрација најави заострување на санкциите против Русија којашто ја обвинува за поддршка на рускојазичните бунтовници на истокот од Украина.

Американскиот претседател изјави дека му претставувало чест да се сретне со челникот на Украина и дека воделе добри разговори. Оваа средба доаѓа неколку седмици пред самитот на Г20 во Хамбург, каде што според досегашните најави американскиот лидер Доналд Трамп ќе се сретне првпат со рускиот претседател Владимир Путин.

Блата куќа објави дека Доналд Тамп и Петро Порошенко разговарале за начините за мирно решавање на судирот во источна Украина.

Во Украина од летото 2014 година по низата закони и отстранувањето на претседателот Виктор Јанукович траат судири меѓу силите на владата во Киев и одметнатите рускојазични региони. САД и нивните европски сојузници ги поддржуваат властите во Киев и воведоа санкции против Русија поради нејзината наводна улога во украинскиот конфликт, и бараат од Киев и од Москва спроведување на договорите од Минск од 2015 година.

Порошенко, кој инсистираше на тоа дека САД се партнер на Украина, изјави дека разговарале за воена соработка. Подоцна украинскиот претседател треба да се сретне и со американскиот министер за одбрана Џим Матис.

„Претседателот даде јасни упатства да ја прошириме (воената) соработка“, изјави Порошенко по средбата со Трамп.

Новите санкции кои ги најави Вашингтон се однесуваат на 38 поединци во Украина и двајца руски владини функционери и дванаесет поединци и организации на Крим. Целта на санкциите е да се задржи притисокот врз Русија за да се изнајде дипломатско решение, изјави министерот за финансии на САД, Стивен Мнучин.

Русија веднаш предупреди на ваквите изјави и вети свој одговор.

Критикувајќи ги „крајно деструктивните политики на Вашингтон“, заменикот министер за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабкобв, гарантираше дека овие санкции нема да имаат никаков негативен ефект врз земјата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.