Трамп и челниците на Заливот потпишаа договор за центар против финансирање на тероризмот

САД и арапските сунитски монархии во Персискиот залив најавија основање центар кој ќе се бори против изворите на „финансирање на тероризмот“ во текот на средбите на претседателот Доналд Трамп и челниците на овие монархии во неделата во Ријад.

По низата билатерални средби, американскиот претседател со челниците на шесте земји од Советот за соработка во Персискиот залив (CCG), Саудиска Арабија Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Оман и Катар, се сретна во саудиската престолнина каде што допатува ден порано на своето прво патување во странство.

По овој мини самите, монархиите од Советот и САД најавија „основање центар за борба со изворите на финансирање на тероризмот“. Двете страни размениле инструменти за ратификација на овој центар, објави службената новинска агенција SPA, без да наведе поединости за неговата задача и каде ќе биде седиштето.

САД своевремено оценија дека некои арапски и муслимански земји не вложуваат доволно напори во борбата против тероризмот. Врските на заливските сунитски земји и Вашингтон се затегнати од времето на администрацијата на претходниот претседател Барак Обама кој во 2013 година одби воено да се вмеша во Сирија против алавитскиот (шиитскиот) претседател Башар ал-Асад и откако го потпиша во јули 2015 година нуклеарниот договор со шиитски Иран.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, кој исто така престојуваше во Ријад, го критикуваше „лошото иранско влијание“ во регионот и го искористи повторниот избор на иранскиот претседател Хасан Роухани од него да бара да ја уништи „терористичката мрежа“ во неговата земја. Притоа изрази надеж дека Роухани „ќе го прекине тестирањето на балистичките проектили“, што ги загрижува земјите во Заливот.