Трамп изолиран на самитот на Г20 по прашањето за климата и трговијата, усвоена компромисна декларација

Американскиот претседател Доналд Трамп остана во саботата изолиран по прашањето на глобалното затоплување, бидејќи групата најголемите светски економски сили на самитот на Г20 во Хамбург заедно со другите земји повика на брза примена на Парискиот договор за климата, а челниците на земјите членки на „Големата дваесетка“ договорија „компромисна“ декларација од која го зема предвид повлекувањето на САД од договорот од Париз.

Покрај трговијата, климатските промени беа едно од најспорните прашања од дводневниот самите во северниот германски град. Официјалните преговарачи непрестајно работеле 24 часа за да се обидат да остварат договор околу овие две теме.

„Повторно ја потврдуваме силната доследност на Парискиот договор и неговата брза примена“, се истакнува на почетокот од заедничката изјава во врска со климатските промени.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно во јуни објави дека САД се повлекуваат од договорот за климата постигнат во Париз кон крајот на 2015 година, по долги години преговори.

Г20 го одбил повикот на Трамп на повторни преговори за Парискиот договор, наведувајќи дека челнките сметаат дека договорот е „неповратен“ процес. „Ја примаме на знаење одлуката на САД за повлекување од Парискиот договор“ се наведува во завршниот документ

Во соопштението се наведува дека САД блиску ќе соработува со другите држави, помагајќи им да користат фосилни горива почисто и поефикасно и ќе им помогне со поставување извори за обновлива и чиста енергија.

„Ја земаме предвид одлуката на САД да се повлечат од Парискиот договор. Лидерите на останатите членки на Г-20 го потврдуваат својот ангажман кон Парискиот договор за климата“, се наведува во заедничката декларација.

Проблеми и со договорот за трговијата

Земјите од Г-20 повикуваат на борба против протекционизмот и поттикнување на слободната трговија. Претходно челниците на земјите се договорија дека ќе ја продолжат борбата против протекционизмот и ќе ја промовираат слободната трговија, но пронајдоа и начин да ѝ удоволат на суверенистичката, или како што неговите непријатели ја нарекуваат националистичка економска агенда на Трамп, „Америка на првото место“, укажува нацртот на завршната декларација.

„Пазарите ќе ги оставиме отворени, покажувајќи ја на тој начин важноста од значењето на реципрочната и профитабилна трговија, како и принципот на недескриминација“, пишува во завршниот документ.

Се додава дека челниците на земјите на коишто отпаѓа 85 отсто од светската економска активност „ќе ја продолжат борбата против протекционизмот, вклучително и нечесните трговски практики и во таа смисла ќе ги признаат легитимните инструменти за одбрана“.

Вториот дел од реченицата бил важен за Трамп да го поддржи текстот и за да им се даде поддршка на некои мерки во борбата против трговските практики кои САД ги сметаат за нефер.

Во документот Г-20, исто така, ги повикува некои од членките, особено Кина, да го намалат прекумерниот капацитет на својот сектор за челик поради заканите со американски санкции, како дел од мерките со коишто би се запреле дампинг цените и би се намалил увозот на челик во Кина.

„Ја потврдуваме својата доследност на натамошното јакнење на трговските и инвестициските соработки во рамките на Г-20“, се истакнува во завршната заедничка изјава од самитот.

Трамп остро ја критикуваше глобализацијата и постојните трговски договори, тврдејќи дека Соединетите држави поради тоа губат работни места.

Меѓутоа, во заедничката изјава челниците на Г-20 велат „Меѓународната трговија и инвестициите се важен мотор на економскиот раст, продуктивноста, иновацијата, отворањето на работните места и развојот“.

САД, коишто со доаѓањето на Трамп во Белата куќа ја зајакнаа политиката на протекционизмот досега се колебаа јасно да се ангажираат „во борбата против протекционизмот“ во рамките на групата Г-20, пат така одбија тој збор да биде споменат во изјавата од состанокот на министрите за финанси на Г-20 кој се одржа во Баден-Баедн во март годинава, но се согласи да биде ставен во изјавата на самитот на групата Г-7, која ги опфаќа најразвиените земји од светот, од која привремено поради санкциите е исклучена Русија, а не е опфатена и Кина, којашто е голема трговска сила.

Трамп истакнува дека целта на американскиот протекционизам е да ги штити американските работни места и плати од ефектот на глобализацијата

Од друга страна, кинескиот и рускиот претседател, Кси Џинпинг и Владимир Путин, како и германската канцеларка Ангела Меркел силно ја поддржуваат слободната трговија и предупредуваат на штетните последици од економскиот протекционизам.

Реакции на светксите челници

Светските лидери изразија задоволство од решенијата кои се усвоени на дводневната средба на Г-20.

Домаќинот на форумот, германската канцеларка Ангела Меркел е задоволна бидејќи сите земји од Групата, со исклучок на САД, се договориле за брзо применување на Парискиот договор за климата. „Постигнавме добри резултати во некои сфери, и покрај блокадата со САД поради климата“, објасни Меркел.

Таа истакна дека е задоволна од средбата на Путин и Трамп, изразувајќи надеж дека дијалогот меѓу двајцата лидери ќе продолжи и понатаму.

Францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека е воспоставена „потребната рамнотежа“ за климатските прашања и трговијата. Тој го поздрави и договорот за борба против финансирање на тероризмот. Макрон најави дека ќе биде домаќин на новиот самит за климатските промени на 12 декември, на двегодишнината од потпишувањето на Парискиот климатски договор.

Според рускиот претседател Владимир Путин, најден е „оптимален“ компромис околу климатското прашање, што го одвојуваше американскиот лидер Доналд Трамп од останатите светски лидери на самитот.