Трамп ја чисти администрацијата на Обама

Иако првичните информации беа дека администрацијата на американскиот Стејт департмент не сака да работи со новиот претседател на САД Доналд Трамп и затоа високи дипломати си поднеле оставки, СИ-ЕН-ЕН објавува дека оставките всушност ги побарала администрацијата на Трамп. Според СИ-ЕН-ЕН, администрацијата на Трамп им посочила на четворицата високи претставници на менаџментот на Стејт департментот дека нивните услоги повеќе не се потребни, како дел од напорите да се “исчисти куќата”.

Станува збор за долгогодишниот потсекретар на Стејт департментот за управување, Патрик Кенеди, помошничката на државниот секретар за администрација Џојс Ана Бар, помошник државниот секретар за конзуларни работи, Мишел Бонд и амбасадорот Гентри О. Смит, директор на Канцеларијата за странски мисии. Бар, Бонд и Смит работеле со години во администрацијата и на Републиканците и на Демократите.

– Тоа е најголемото истовремено заминување во историјата на институцијата за кое некој може да се сети,а неверојатно е тешко да се најде соодветна замена, На експертите кои се на позиции во одделите за безбедносни, управувачки, административни и конзуларни работи е особено тешко да се најде замена, а особено е тешко да се најдат во приватниот сектор, изјави Дејвид Вејд, шеф на кабинетот на поранешниот државен секретар Џон Кери.

Четворицата американски дипломати, дел од високиот раководен тим на Стејт департментот, поднесоа оставки, на неколку дена пред Рекс Тилерсон да добие потврда од Сенатот и да ја преземе функцијата државен секретар на САД, а по посетата на Тилерсон на Стејт департментот. Дипломатите не го поврзуваат нивното заминување од функциите со администрацијата на претседателот Трамп.

Портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер, ја потврди информацијата, додавајќи дека овие функции се политички назначувања, при што претседателот ги номинира, а Сенатот ги потврдува.

Тонер додаде дека некои од дипломатите, чии оставки биле прифатени, ќе продолжат да работат во Службата за надворешна политика при Стејт департментот, но на други функции, а други ќе се пензионираат по нивен избор или затоа што го надминале рокот со тој статус на позицијата.

Прес-службата на Стејт департментот соопшти дека сите четворица функционери се политички именувани лица, и дека е вообичаено да ги дадат своите оставки на почетокот на работата на новата администрација.

Претходно, по службата во три администрации, на Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама, од функцијата помошник државна секретар за Европа и Азија, си замина и Викторија Нуланд, иако таа била една од дипломатите за кои Трамп побарал да останат во администрацијата додека трае транзицијата.