Трамп ја смени државната обвинителка

Американскиот претседател Доналд Трамп ја смени главната државна обвинителка Сели Јејтс која се спротивстави на антимиграциската политика.

Јејтс која била вршител на должноста главен државен обвинител, и која на таа позиција останала како кадар на Обама додека Конгресот не го потврди именувањето на Џеф Сешонс, напишала писмо во кое како шефица на сите државни обвинители и челници на американското министерство за правосудство објавува дека институцијата која ја води нема намера да застане во одбрана на одредбата на Трамп.

„Мојата задача е да се погрижиме ставовите кои ги заземаме на судовите да бидат во складот со обврската на оваа институција, секогаш да се тежи кон правдата и да се застане во одбрана на тоа што е исправно. Во овој момент не сум убедена дека одбраната на извршната одредба би била во склад со мојата задача, а не сум уверена и дека таа извршна одредба е законита. Додека ја вршам должноста на главен државен обвинител, министерството за правосудство нема да изнесува аргументи во одбрана на извршната одредба, или се додека не бидам убедена дека таа е исправна“ – напишала Јејтс, искажувајќи така отпор спрема претседателот на САД.

Следеше експресен одговор од Трамп, кој за само неколку часови донесе одлука за смена на Јејтс и поставување на Дејна Боенте за нов в.д. главен државен обвинител.

Во соопштените кое Белата куќа го објави, стои дека Јејтс “го издала министерството за правосудство“ , дека демократите во Конгресот намерно отежнуваат со потврдата на Сешонс за да ги опструираат политичките цели на Трамп.

Новиот в.д. државен обвинител досега бил на функција во сојузната држава Вирџинија и него го постави Барак Обама, но веднаш изјави дека не само што ќе го брани  указот на Трамп, туку дека веќе и на својата претходна функција почнал да го спроведува.

Но, Трамп, доколку во Конгресот набргу не го потврдат именувањето на Сешонс, би можел да се најде во проблеми поради смената на Јејтс бидејќи нејзиниот привремен наследник за разлика од неа, нема овластување да потпишува налози за следење и прислушување на луѓе кои се осомничени како странски шпиони.

Истовремено, Њујорк тајмс“ забележува дека гласањето за Сешонс полека се претвора во конгресен референдум за контроверзната одредба на Трамп.

Одредбата на Трамп со која на 90 дена им се забранува влез во САД на државјаните на Ирак, Иран, Јемен, Сирија, Судан, Либија и Сомалија предизвика масовни протести и осуда во САД и остатокот на светот.

Американскиот претседател смета дека со оваа одредба, како и истовремено со воведена забрана за спроведување на Програмата на САД за прием на бегалци на 120 дена, ја штити државата од можни напади од екстремисти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.