Трамп критикуван зашто не барал одобрениe од Конгресот за нападот врз Сирија

Во реакција на сојузничките воздушни напади врз неколку цели во Сирија, републикански и демократски пратеници го критикуваат американскиот претседател Доналд Трамп поради тоа што не побарал овластување од Конгресот пред да ја презема воената акција.

Ноќта кон саботата Трамп објави дека Вашингтон во координирана операција со Велика Британија и Франција преземал „прецизни напади“ врз цели во Сирија. Воздушните напади беа преземени како одговор на наводниот хемиски напад од 7-ми април во сирискиот град Дума, кој Западот без изложување докази го припишува на владата на претседателот Башар ал-Асад чиешто заминување од власт бара во текот на изминатите седум години војна. Официјален Дамаск, како и неговите сојузници Русија и Иран, се упорни дека нема никакви докази дека е употребен хемиски агенс во Дума.

Само неколку часа пред нападот врз Сирија, 87 членови на Конгресот испратија писмо до Белата куќа, повикувајќи го претседателот Доналд Трамп да не презема воени дејствија без одобрување и овластување од Конгресот. Трамп, кој претходно седмицава му се закануваше на Дамаск со воена акција, го игнорирал барањето на конгресмените и во петокот ноќта наредил воздушни напади.

„Одлуката на претседателот Трамп да започне воздушни напади против сириската влада без одобрување од Конгресот е нелегално и отсуствува поширока стратегија, тоа е невнимателно… Денес е нападната Сирија, што ќе го спречи да го бомбардира Иран или Северна Кореја“, изјави сенаторот Тим Кејн.

Кејн, кој е член на Комитетот за надворешни односи на Сенатот, го критикуваше Трамп дека не заземал разборит пристап кон Сирија, велејќи „Мината седмица претседателот Трамп беше непопустлив дека САД сигурно ја напуштаат Сирија. Оваа седмица отвори нов воен фронт“.

Томас Мејси, еден од републиканските пратеници кој јавно се изјасни, придружувајќи им се на мнозинството незадоволни демократи предводени од нивните челници во Конгресот, Ненси Пелоси и Тим Кејн, го критикуваше републиканецот Трамп поради тоа што не го консултирал уставот на земјата.

Критикувајќи го уставното овластување на Трамп да започне напад врз странска држава без одобрување од Конгресот, Мејси твиташе „Не ги прочитав уставите на Франција или Британија, но го прочитав нашиот и никаде во него нема овластување да се нападне Сирија“.

Демократската челничка Пелоси во пишана изјава наведе дека Трамп „мора да дојде во Конгресот и да обезбеди овластување за употреба на вооружените сили, предлагајќи сеопфатна стратегија со јасни цели кои ќе ги задржат нашите војници безбедни и ќе се избегнат колатерални штети на невините цивили“.

Сенаторот Боб Кејси, исто така на Twitter, напиша дека „нападите кои се изведуваат се без овластување од Конгресот, што е неприфатливо“.

Во сличен потег минатата година, американскиот претседател одобри ракетен напад против сириски цели, воената база Шејхан, како одговор на наводна употреба на хемиски отров од страна на сириската влада. И тогаш неговиот чекор беше критикуван од политичарите кои укажуваат на уставните одредби за овластување од Конгресот кога САД воено се ангажираат.

Цитирајќи конгресни службеници, весникот The Washington Times, обви дека неколку претставници, меѓу кои и демократката Пелоси, и челникот на малцинството во Сенатот, Чарлс Шумер, лидерот на сенатското републиканско мнозинство Мич Мекконел и претседателот на Претставничкиот дом, Пол Рајан, биле телефонски информирани за нападот од страна на потпретседателот Мајк Пенс.