Свет

Нова пресметка на американскиот претседател со медиумите Трамп може да побара одземање на лиценците на телевизиите поради „лажни вести“

Трамп може да побара одземање на лиценците на телевизиите поради „лажни вести“
© AP Photo / Alex Brandon

Американскиот претседател Доналд Трамп навести во средата дека можеби ќе побара одземање на лиценцата на телевизиската мрежа NBC News и на другите национални телевизии, откако пренесоа дека наводно државниот секретар Рекс Тилерсион го нарекол „дебил“ во разговорот за американскиот нуклеарен арсенал кога наводно барал тој десеткратно да биде зголемен.

„Земајќи ги предвид сите лажни вести на NBC и на другите телевизиски мрежи, во кој момент е оправдано да им се одземат дозволите за емитување? Лошо за земјата!“, напиша на Twitter американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп и неговите приврзаници го користат терминот „лажни вести“ кога одговараат на написите на медиумите коишто и пред претседателските избори ланскиот ноември отворено застанаа против републиканскиот кандидат а на страната на неговата демократска противкандидатка Хилари Клинтон. Притоа, редовно се повикуваат на неименувани извори, без докази дека таквите тврдења се вистинити.

Евентуалното одземање на лиценците на телевизиските куќи е тешка задача. Сојузната комисија за телекомуникации (FCC) не издава дозволи на телевизиските мрежи, туку на поединечни телевизиски станици кои се обновуваат на секои осум години.

Компанијата „Comsat Corp“, сопственикот на „NBC Universal“, поседува 11 телевизиски станици вклучувајќи ги и оние во Њујорк, Вашингтон, Лос Анџелес, Сан Франциско, Бостон, Далас и Чикаго.

Од FCC, исто така, не издаваат дозволи и за работата на кабелските телевизии како CNN I MSNBC, ниту го регулира работењето на интернет порталите и другите мрежни страници.

Портпаролот на FCC, Аџит Паи, не бил достапен за Reuters за коментар на твитот на претседателот Трамп, а телевизијата ABC News, којашто е во сопственост на филмската куќа „Walt Disney Co“ одбила да коментира.

Демократскиот сенатор Ед Марки му пишал на Паи во средата молејќи го „да застане“ во одбраната на Првиот амандман на американскиот устав, кој ја гарантира слободата на говорот и слободата на медиумите.

„Непримерено е претседателот да предлага одземање на лиценците, затоа што не се согласува со нивните известувања“, напиша сенаторот на социјалните мрежи.

Телевизиската мрежа NBC News минатата среда објави дека наводно американскиот државен секретар Рекс Тилерсон го нарекол претседателот Доналд Трамп „дебил“ по состанокот во Пентагон летово и воедно се заканил со оставка пореди „ненадминливите разлики“ со претседателот.

Одговарајќи на прашањата дали Трамп, како што извести NBC News, го опишал со погрден израз, Тилерсон јасно демантираше: „Нема да се занимавам со неважни работи“ и „Со тоа само се сака да се внесе раздор“ во администрацијата на претседателот и „Нема да учествувам во поделбата на оваа администрација“,.

Трамп потоа на Twitter напиша дека NBC News би требало да се извини за веста којашто потполно ја демантираа и Тилерсон и потпретседателот Мајк Пенс. Но во вторникот го повика Тилерсон, доколку навистина тоа го рекол, да ги споредат резултатите од тестовите за интелигенцијата.

Медиумските извештаи се полни со најави за наводни несогласувања меѓи Трамп и неговиот министер за надворешни работи во моментите кога САД се соочуваат со низа надворешнополитички прашања од Северна Кореја до Иран.

Оваа среда, NBC News, објави повикувајќи се наводно на тројца неименувани функционери, дека Трамп, исто така, летово на состанок со помошниците за национална безбедност во Белата куќа наводно побарал десеткратно зголемување на американскиот нуклеарен арсенал.

Претседателот веднаш одговори пред средбата со канадскиот премиер Џастин Трудо во Белата куќа, дека станува збор за невистинито тврдење, порачувајќи дека барал модернизирање и згоелмување на ефикасноста на нуклеарниот потенцијал на САД.