Свет

Трамп можеби ќе присуствува на отворањето на амбасадата на САД во Ерусалим

Трамп можеби ќе присуствува на отворањето на амбасадата на САД во Ерусалим

Американскиот претседател Донадл Трамп во понеделникот изјави дека во мај би можел да присуствува на отворањето на амбасадата на САД во Ерусалим, тврдејќи дека односите со Израел „никогаш не биле толку добри“.

„Доколку можам, ќе одам“, изјави Трамп одговарајќи на прашање на новинар во присуство на израелскиот премиер Бенјамин Нетнјаху за можната посета на Ерусалим по повод отворањето на американската амбасада којашто треба да биде преселена од Тел Авив.

Преместувањето на амбасадата на САД, што покрена лавина остри реакции од Палестинците и од американските сојузници во регионот и во Европа, е предвидено за 14-ти мај, на 70-годишнината од создавањето на Државата Израел.

„Горд сум на оваа одлука“, порача Трамп од Овалната канцеларија во Белата куќа.

На прашањето за израелско-палестинскиот мировен процес, рече дека неговата администрација по тоа прашање напорно работи, како и дека шанси за негово продолжување постојат.

„Верувам дека Палестинците сакаат да се вратат на преговарачката маса. Доколку тоа не го сторат, нема ништо од мирот и тоа, исто така, е една од можностите“, додаде американскиот претседател.