Трамп оптимист во врска со средбата со Ким

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази оптимизам во поглед на својата средба со севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун, изразувајќи убедување дека нивната средба во четири очи ќе биде „многу повеќе“ од можност за фотографирање, дури и доколку од прво не го решат проблемот.

„Сѐ е подготвено за средбата на врвот. Сѐ добро напредува, се надевам дека така ќе биде и натаму“, изјави Трамп во Овалната канцеларија каде што ги прими јапонскиот премиер Шинзо Абе, пет дена пред најавениот самит во Сингапур.

Одговарајќи на прашањето како се подготвува за оваа историска средба, 45-от претседател на САД ја истакна својата решеност.

„Не мислам дека морам многу да се подготвувам. Тоа е во прв ред работа на состојба на духот и волјата работите да се придвижат. Можеби за почеток ќе оствариме добар однос, што е многу важно поради остварувањето на крајната цел, а тоа е договорот“, изјави Трамп потсетувајќи на условот на САД – Пјонгјанг да мора да се ослободи од своето нуклеарно оружје. „Доколку не го отстрани нуклеарното оружје, на тоа нема да се согласиме“, предупреди.

Истакнувајќи колку санкциите се „моќно“ средство, изјави дека одлучил „во оваа фаза“ да не воведува дополнителни за да му пружи шанса на дијалогот, иако не ја исклучи можноста тоа да го стори подоцна.

Јапонскиот премиер Абе, пак, сака да се слушне и неговиот глас во забрзаните дипломатски преговори коишто во моментов се водат во врска со ситуацијата на Корејскиот полуостров, изрази надеж дека самитот ќе донесе „повеќе мир и стабилност“ во овој дел од светот.