Трамп подготвен телефонски да разговара со Ким

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во саботата дека е апсолутно подготвен телефонски да разговара совернокорејскиот челник Ким Џонг-ун и оти се надева на позитивни резултати од разговорите меѓу Северна и Јужна Кореја.

Северна Кореја во петокот се согласи идната седмица да се одржат официјални разговори со Јужна Кореја, први по повеќе од две години, само неколку часа откако Вашингтон и Сеул ги одложија воените маневри поради одржувањето на зимските олимписки игри на Југот.

Трамп во Кемп Дејвид одговарајќи на новинарски прашања изрази подготвеност да разговара со Ким, но без предуслови.

„Апсолутно би го сторил тоа. Воопшто немам проблем со тоа“, рече Трамп.

Се очекува дека разговорите меѓу Пјонгјанг и Сеул ќе бидат посветени на Зимската олимпијада којашто во февруари треба да се одржи во Јужна Кореја и на односите меѓу двете земји.

Трамп сугерираше дека разговорите би можеле да водат до попуштање на тензиите и си припиша заслуги за овој дипломатски исчекор, велејќи дека тој е резултат на неговиот постојан притисок.

„Гледајте, сега разговараат за Олимпијадата. Тоа е почеток, голем почеток. Доколку не се вклучев сега не би разговарале“, рече.

Ким „знае дека не се шегувам. Јас не се шегувам. Ниту најмалку, ниту еден отсто. Тој тоа го сфаќа“, додаде Трамп.

„Доколку нешто произлезе од тие разговори тоа ќе биде одлично за целото човештво, тоа ќе биде голема работа за светот“, рече американскиот претседател.