Трамп потпиша указ за информатичка безбедност

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша во четвртокот извршна наредба да се зајакне кибернетичката безбедност на властите и заштита на клучната инфраструктура на земјата од кибернетички напади, соопшти Белата куќа.

Наредбата има цел да ја подобри безбедноста на компјутерските мрежи на американските владини агенции од кои хакерите украле милиони лични податоци и документи и други чувствителни податоци последните години.

Исто така, е насочена на заштита на клучната инфраструктура, како што се електромрежите и финансискиот сектор од вештите напади за кои функционерите во САД веќе подолг период предупредуваат дека може да претставуваат закана за националната безбедност или да осакатат делови од економијата.

Со наредбата се сака да се развие уверлива стратегија за кибернетичка заштита, делумно и со засилена соработка со американските сојузници во кибернетичкиот простор.

Советникот на Белата куќа за внатрешна безбедност, Том Босерт, изјави дека наредбата ќе ги продолжи напорите коишто ги презема во оваа сфера администрацијата на претходниот претседател Барак Обама.

„Има значителен напредок во времето на претходната администрација, но ниту приближно доволно“, изјави Босерт на прес-конференцијата во Белата куќа.

Ланската претседателска кампања беше карактеризирана со прашањето на кибернетичката безбедност, меѓу другото и со хакирањето а потоа и со објавувањето на електронската пошта на Демократската партија како дел од, како што некои американските разузнавачки агенции тврдеа заедно со деморкатите, наводна координирана операција на Русија за да му се помогне на Доналд Трамп да влезе во Белата куќа и да се оцрни неговата демократска противничка Хилари Клинтон.

Русија досега неколкупати како фантастични и апсурдни ги отфрли тврдењата дека употребила кибернетички средства за да влијае врз американскиот изборен ситем, потсетувајќи дека најмалку 80 отсто од интернет серверите во светот се наоѓаат во САД.

Босерт изјави дека наводното руско хакирање не бил мотивот за наредбата на Трамп. „Русите не се единствените наши противници на интернет“, додаде.