Трамп потврди дека Вашингтон води директни преговори со Пјонгјанг на многу високо ниво

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во вторникот дека САД директно разговараат со Северна Кореја на „многу високо ниво“ за да се обидат да организираат самит на кој би се сретнал со севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун, но и дека е можно до таква средба и да не дојде.

Во текот на официјалното фотографирање со јапонскиот премиер Шинзо Абе, американскиот претседател Доналд Трамп пред новинарите изјави дека „Исто така, започнавме директни преговори со Северна Кореја“.

„Имаме директни преговори на многу високо ниво, силно високо ниво, со Северна Кореја. Навистина верувам дека ова го дозволува добрата волја, да се случуваат дори работи. Ќе видиме што ќе се случи, како што секогаш велат, ќе видиме што ќе се случи, бидејќи на крајот се смета крајниот резултат, не фактот дека мислиме да се сретнеме или што ќе се сретнеме“, рече Трамп.

Американскиот претседател додаде дека се надева оти состанокот ќе се одржи, и оти се разгледуваат пет можни локации. Но предупреди и дека е можно средбата да не се оствари.

„Можно е работите да не минат добро и дека нема да имаме средби и само ќе продолжиме да одиме по овој цврст пат по кој тргнавме“, рече Трамп.

Трамп, кој го пречека Абе во својот клуб Мар-а-Лаго во Палм Бич на Флорида за да разговараат за трговијата, воените и безбедносни прашања, исто така, рече дека Јужна Кореја го има неговиот „благослов“ да разговара за завршување на воената состојба со Северот кој постои од 1953 година. Имено, тригодишната Корејска војна е завршена со склучување примирје, но не и целосен мировен договор.

„Го имаат мојот благослов да разговараат за завршување на војната. Луѓето не увидуваат дека Корејската војна не е завршена“, рече американскиот претседател.

Трамп и Абе ќе имаат дводневни разговори кои главно ќе бидат концентрирани на можниот самит со Ким, додека Јапонија бара САД да се обврзат дека секој договор за денуклеаризацијата кој Трамп ќе го постигне со Ким да ги вклучува не само проектилите со долг дострел кои можат да достигнат американска територија, туку и оние со среден дострел кои често ја прелетуваат Јапонија.

Абе куси изјави дека Јапонија сака Северна Кореја да се согласи за целосна, проверлива денуклеаризација и дека Трамп покажал „храброст“ обидувајќи се да организира самит со Ким.