Трамп предупреди дека ураганот Ирма има „апсолутно историско разорен потенцијал“

Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди во петокот на разорниот потенцијал на ураганот Ирма додека оваа стихија од 4 категорија се движи кон сојузната држава Флорида и ги повика жителите кои се на нејзиниот пат да ги следат препораките од властите.

„Ова е бура која има апсолутно историски разорен потенцијал. Ги молам сите кои се на нејзиниот пат да бидат претпазливи и да ги следат сите препораки на владините функционери и на полицијата“, им порача на граѓаните преку видео снимка американскиот претседател Доналд Трамп.

Ирма ослаби на категоријата 4 во петокот со ветрови до 240 километри на час, но и натаму е една од најсилните бури со коишто Флорида некогаш била соочена, предупредија властите.

Нејзината моќ се почувствувала во северна Куба и на Бахамите во петокот, а се очекува дека до Мајами ќе дојде во недела, соопшти американскиот Национален центар за урагани. Во прогнозите се предупредува на „тешки урагански услови“ над делови од Флоридскиот полуостров и на Флорида Ки до саботата навечер.