Трамп примил ново писмо од Ким и му одговорил

Американскиот претседател Доналд Трамп примил во средата писмо од севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун со содржина во контекстот на неодамнешните разговори меѓу двајцата лидери за денуклеаризација на Корејскиот полуостров, соопшти во четвртокот Белата куќа.

Двајцата челници во текот на нивната средба во јуни во Сингапур објавија дека постигнале договор според кој севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун ја потврдил „цврстата“ определба за денуклеаризација, но од тогаш по ова прашање не беше постигнат голем напредок, според она што успеваат да го дознаат медиумите.

„Тековната кореспонденција на двајцата челници продолжува по нивниот состанок во Сингапур и е насочена на реализацијата на обврските од заедничката изјава на Соединетите американски држави и Демократска народна република Кореја“, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс на прес-конференција користејќи ја кратенката ДНРК, којашто е официјалното име на Северна Кореја.

„Одговоривме на писмото на претседателот Ким, коешто го доби претседателот (Трамп). Тој (одговорот) наскоро ќе биде предаден“, додаде Сандерс.

Трамп за писмото од Ким твитна во четвртокот, заблагодарувајќи му се на севернокорејскиот лидер за враќањето на посмртните останки на американските војници загинати во текот на Корејската војна од 1950 до 1953 година. Трамп напиша дека очекува нова скорешна средба со Ким, но оти во моментов нема планови за одржување на втор самит на двајцата челници.

Американскиот претседател во повеќе пригоди изјавуваше дека договорот постигнат со првиот човек на Северна Кореја бил позитивен, бидејќи од тогаш се запрени испитувањата на нуклеарното оружје и на проектилите, и започна враќањето на посмртните останки на Американците во татковината.

„Мислам дека ова ќе испадне добро. Нема тестови, ракетите не летаат. Но ќе видиме што ќе биде“, изјави Трамп пред своите поддржувачи на собирот во Тампа на Флорида.