Трамп: САД повторно ќе бидат силна, богата, горда, безбедна и голема држава

Новиот американски претседател Доналд Трамп порача денеска во инаугурацискиот говор дека од денеска нова визија ќе ја води државата и оти САД повторно ќе бидат на прво место и повторно ќе почнат да победуваат.

– Дваесетти јануари 2017 ќе се памети како ден кога народот стана владетел со оваа држава, повторно, истакна Трамп во говор одржан откако даде заклетва и официјално стана 45 претседател на САД.

– Ние граѓаните на САД сега сме заедно во голем национален потфат. Ќе го одредиме курсот на Америка. Ќе се соочиме со предизвици и со тешкотии, но ќе ја завршиме работата, нагласи тој.

Трамп додаде дека САД ќе бараат пријателство и добра волја во односите со други држави во светот.

– Не бараме да го наметнеме својот начин на живот на никого, но ќе бидеме пример сите да не следат. Ќе ги засилиме старите алијанси, ќе воспоставиме нови, ќе го уништиме исламскот тероризам во целост од лицето на земјата, истакна Трамп.

Како што наведе, денешната церемонија има посебно значење не само заради предавање на власта, туку „зашто власта се префрла од Вашингтон и му се дава на народот“.

Според Трамп, „премногу долго една мала група во Вашингтон ги жнееше плодовите, додека луѓето ја плаќаа цената. Вашингтон цветаше, луѓето не го делеа богатството, политичарите напредуваа, но се затвораа работни места и фабрики, естаблишментот се заштитуваше себе си, но не и граѓаните“.

– Тоа ќе се смени од овој момент, бидејќи тој момент ви припаѓа вам. Ова е ваш ден, ваша прослава. САД се ваша земја, порача Трамп, додавајќи дека не е важно која партија ја контролира американската Влада, туку дали владата ја контролира народот.

Тој нагласи дека „заклетвата која денеска ја положил претставува приврзаност кон Американците“.

Новиот американски претседател изјави дека САД долги години ја поддржувале странската индустрија на штета на сопствената, ги бранеле границите на други држави, а одбиваа да ги штитат своите.

– САД потрошија илјадници милијарди долари во странство, додека американската инфраструктура се наоѓа во многу лоша состојба, која речиси не може да се поправи, а милиони американски работници останаа заборавени додека други земји се збогатија. Но тоа е веќе минато. Сега гледаме само на иднината. Од овој ден нова визија ја води нашата земја. Америка и само Америка ќе биде прва, на прво место, потенцира Трамп.

Тој истакна дека секоја одлука во трговијата, даноците, имиграцијата, надворешната политика, ќе се носи во корист на американските работници и семејства, а „САД ќе се штитат од нападите на другите земји кои ги земаат американските производи и им ги крадат работните места на Американците“.

– Тоа ќе доведе до поголем просперитет и сила, ќе се борам секој ден  и никогаш нема да Ве изневерам. Америка повторно ќе почне да победува како никогаш досега. Ќе ги вратиме своите работни места, своите граници, ќе го вратиме своето богатство и своите соништа, истакна Трамп.

Тој додаде дека САД ќе изгради нови патишта, мостови, аеродроми, тунели и железници ширум земјата, дека луѓето ќе се вратат на работа и нема да бидат корисници на социјална помош.

– Ја градиме земјата со американски раце и работа. Ќе почитуваме две едноставни правила: купувајте американски производи и вработувајте Американци, нагласи новиот претседател на САД.

Тој додаде и дека основата на новата американска власт ќе биде целосна приврзаност кон САД, потенцирајќи дека „кога Америка е обединета, целосно е незапирлива. Не треба да има страв, заштитени сме и секогаш ќе бидеме, ќе не штити нашата армија и органите на редот и што е најважно, ќе не штити Бог“.

– Мораме да размислуваме за големи работи, да сонуваме за уште поголеми. Американската нација живее толку колку што тежнее кон нешто. Не сакаме повеќе политичари кои само се жалат, а ништо не праваат по тоа прашање. Времето на празни зборови е завршено, доаѓа време на акција, истакна Трамп.

– Ниту еден предизвик не може да го победи срцето, работата и силата на Америка… Сите соништа, храбтост и љубов ќе не водат, ќе ја направиме Америка силна и богата, горда и безбедна, повторно голема, заклучи Трамп.