Свет

Трамп се нафрли на FBI поради масакрот во училиштето на Флорида и го поврза со „руската истрага“

Трамп се нафрли на FBI поради масакрот во училиштето на Флорида и го поврза со „руската истрага“

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно остро го нападна Федералното биро за истраги (FBI) во врска со масакрот во средното училиште во сојузната држава Флорида и го доведе во поврзаност со истрагата за наводната руска вмешаност во изборите во САД во 2016-та, велејќи во саботата вечерта дека нападот можеби би можело да биде спречен доколку не се трошело толку време на споменатата истрага.

„Многу е тажно што FBI пропуштил многубројни знаци испраќани за напаѓачот во училиштето на Флорида. Тоа е неприфатливо“, објави американскиот претседател Доналд Трамп на Twitter и додаде дека Бирото „премногу време потроши обидувајќи се да го докаже договорот со кампањата на Трамп“.

Претседателот ги објави ваквите коментари откако од FBI признаа дека примиле дојави за напаѓачот, но никој натаму не го истражувал.

Стотици ученици претходно во саботата излегоа на улиците на Форт Лордердејл за да повикаа на воведување на построги закони за оружјето во САД по смртоносниот напад во училиштето во Флорида. На протестот против оружјето присуствуваа и учениците кои го преживеаја пукањето во кое беа убиени 17 лица во средното училиште во Паркленд, заедно со професори и политички претставници на неколку окрузи кои заговараат контрола над вооружувањето на граѓаните.

Поранешниот ученик на гимназијата, 19-годишниот Николас Круз во средата отвори оган од полуавтоматско оружје убивајќи ги притоа 17-те лица во средното училиште „Мерџори Стоунмен Даглас“ во Паркленд, 70 километри северно од Мајами. Вооружен со јуришната пушка од моделот „АР-15“ усмрти ученици, професори и друг персонал.

По нападот ученици на социјалните мрежи, преку телевизијата и на улиците почнаа да бараат одговори од властите за овој масакр, кој е најкрвавиот во средно училиште во долгата историја на оружени напади во образовни институции во САД. Некои од нив особено ги прозиваа политичарите коишто во својата кампања добиваат донации од моќното и влијателно пушкарско здружение National Rifle Association (NRA), коешто повикувајќи се на американскиот устав заговара слободно носење и поседување оружје.

Претседателот Трамп во своите коментари за овој крвав инцидент, меѓутоа, се насочи на проблемот со менталното здравје а не на законот за носење оружје.