Трамп: Се покажува потребата за реформа на законот за доселување

© EPA-EFE/KEVIN DIETSCH / POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во понеделникот дека бомбашкиот напад во Њујорк, кој го изведе доселеник од Бангладеш, бара „итна потреба“ на Конгресот да донесе реформа на законот за доселување, а истовремено во Хјустон е уапсен уште еден осомничен за поврзаност со џихадистичката групација Исламска држава.

Според полицијата, бомбата во објектот на њујоршкиот транспортен центар се обидел да ја внесе 27-годишниот доселеник од Бангладеш, Акајед Ула(х), кој можно е да е поврзан со терористичката исламистичка групација Исламска држава. Осомничениот, кој беше повреден во експлозијата, пред седум години добил американско државјанство и бил пријавен со адреса во Бруклин.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека осомниченикот влегол во САД врз основа на семејна имигрантска виза, којашто, како што рече, е „неспоива со националната безбедност“.

Во меѓувреме 18-годишен маж од Хјустон е обвинет за поддршка на радикалниот ислам, односно ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, и за ширење информации за тоа како да се подготват бомби, објави американското Биро за правосудство.

Каан Секран Дамларкаја, државјанин на САД, бил уапсен уште во петокот во Хјустон, откако сојузното државно обвинителство поднело кривична пријава, се наведува во електронската порака на министерот за правда испратена до агенциите.

Обвинувањето следело по истрагата на Федералното биро за истраги (FBI), коешто утврдило дека осомничениот изјавил оти планира патување во странство и да се бори за Исламската држава или, доколку не успее во тоа, да тргне во напади во САД, се наведува во соопштението.
„Обвинувањата, исто така, укажуваат дека Дамларкаја се распрашувал дали може да објави видео запис со проштална порака којашто ќе биде објавена доколку изврши самоубиствен напад за да поттикне и други“, се наведува во објавата.

Дамларкаја, како што тврдaт FBI и други извори, преку интернет комуникација објавувал упатства како да се направат пушките „АК-47“ или „АР-15“ со лесно достапни делови, и како да се состави бомба. Во кривичната пријава, исто така, е наведено дека Дамларкаја се обидел двапати да замине во Сирија, но оти не успеал во намерата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.