Трамп се заканува со „важни одлуки“, Русија не нашла траги од хемиски напад во Сирија

© AFP 2018 / Stringer

Американскиот претседател Доналд Трамп вети во понеделникот дека во рок од 48 часа ќе донесе „важни одлуки“ за Сирија, јакнејќи го притисокот на сирискиот претседател Башар ал-Асад во времето кога тој сѐ поочигледно ја добива седумгодишната војна, а поради наводниот хемиски напад врз градот Дума во кој преостанаа помал број борци на исламистичката групација Џаиш ал-Ислам, но Русија која е сојузник на владата во Дамаск изјави дека нејзините лекари кои влегле во градот не наше траги од хемиски напад кај пациентите.

„Тоа беше свирепо, страшно“, критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп, зборувајќи за наводниот напад со „отровни гасови“ во саботата во Дума, последното упориште на исламистите на работ од сириската престолнина Дамаск, кој Западот како и пред пет години без докази го припишува на силите на претседателот Башар ал-Асад, кои инаку од пред два дена продреа во градот.

„Тоа не може да се толерира“, додаде Трамп ветувајќи дека ќе донесе „важни одлуки“ во следните 24 до 48 часа“, откако веќе ги предупреди сириската влада и нејзините сојузници Русија и Техеран дека би можеле „да платат висока цена“ поради тоа.

Американскиот министер за одрана Џим Матис, исто така, врши притисок. „Во овој момент не исклучувам ништо“, изјави шефот на Пентагон.

Меѓутоа, руската армија чиишто лица се единствените странски претставници на теренот, во понеделникот објави дека нејзините лекари не нашле никакви траги од хемиски напад во Дума. Министерството за одбрана објави дека руските воени лекари ги прегледале пациентите во болницата во Дума и оти не пронашле никакви симптоми на труење од хемиско оружје.

Рускиот претседател Владимир Путин го осуди „недозволивиот карактер на провокации и нагаѓања“ за овој хемиски напад, за кој дури и западните новинска агенции првпат од март 2011 година кога започна сирискиот конфликт редовно го употребуваат терминот „наводен“. Москва претходно соопшти дека „треба внимателно да се разјасни“ она што се случило во Дума.

Во меѓувреме, во понеделникот беше изведен ракетен напад врз воената база на сириските владини сили Т-4, во централниот дел на земјата. Дамаск и Москва за тоа го обвинија Израел.

Франција и САД негираа дека стојат зад овој напад. Ден претходно заедно му се заканија на Дамаск со „силен одговор“ откако „потврдиле користење на хемиско оружје“ во Дума, иако уште пред повеќе од две години стручњаците на Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) потврдија дека целиот арсенал на хемиски агенси во Сирија е предаден и оти се прегледани демонтираните комплекси во кои би можеле да се произведуваат.

Британската премиерка Тереза Меј изјави во понеделникот дека меѓународната заедница мора порешително да се постави кон оние кои се одговори за овој наводен напад. „Меѓународната заедница мора порешително да се постави кон оние кои се одговори“, изјави на прес-конференција во Шведска.

Шефот на Human Rights Watch оцени дека станува збор за „воено злосторство кое го носи обележјето на владата на Асад“ и дека потенцијалната кривична одговорност паѓа и на неговиот сојузник Русија.

Кенет Рот, извршен директор на оваа меѓународна организација, изјави дека меѓународната заедница треба да изврши притисок врз Путин во пресрет на Светското фудбалско првенство коешто во јуни почнува во Русија, бидејќи Асад го загубил „сиот углед“. Одземањето на организацијата на Мундијалот на Русија, интересно, е барање коешто последните речиси четири години повремено го отвора Лондон по различни меѓународни кризни ситуации.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.