Трамп сепак размислува за смена на Тилерсон

Американскиот претседател Доналд Трамп разгледа да го разреши од должноста државниот секретар Рекс Тилерсон, со кој не се согласува во пристапот кон Северна Кореја и други надворешнополитички прашања, откриваат за медиумите во четвртокот високи функционери.

Како што претходно деновиве пишуваше весникот The Washington Post, актуелниот државен секретар Рекс Тилерсон на челното место на Стејт департментот би можел да го замени директорот на Централната агенција за разузнавање (CIA), Мајк Помпео, личност позната како верна на претседателот Доналд Трамп. Смената на функцијата шеф на американската дипломатија би можела да се случи во следните седмици, во рамките на досега најголемата реконструкција во администрацијата на Трамп.

Републиканскиот сенатор Том Котон, од сојузната држава Арканзас, еден од најголемите бранители на претседателот Трамп во Конгресот, би требало да го заемни Помпео на чело на CIA, откриле американски функционери зборувајќи под услов на анонимност за Reuters во четвртокот. Не е познато дали станува збор за истите извори кои идентичните тврдења ги изнесоа претходните денови во медиумите.

Сѐ уште не е познато дали Трамп дал конечно одобрување за оваа смена, но еден од функционерите открил дека претседателот побарал тој план да се спроведе.

Веќе подолго време се шпекулира за заминувањето на Рек Тилерсон, поранешниот директор на енергетскиот гигант „Exxon Mobile“ кој своевремено беше и претставник на компанијата во Русија, кој сѐ повеќе се разијдува со претседателот Доналд Трамп околу прашањата како што се пристапот кон Северна Кореја, Иран или кастрењата во Стејт департментот. Во октомври во медиумите дека Тилерсон во прашање ја довел интелигенцијата на претседателот нарекувајќи го „морон“, но тој на прес-конференција го негираше тоа и порача дека нема намера да поднесе оставка.

Неколку дена претходно Трамп на Twitter напиша дека Тилерсон не треба да губи време барајќи преговори со Северна Кореја околу нејзината нуклеарна програма, што беше интерпретирано како знак за маргинализација на државниот секретар, кој и онака е забележливо многу помалку присутен во јавноста отколку неговите претходници. Двајцата не се согласуваат ниту околу кризата на Арапскиот полуостров која го вклучува Катар.

Еден од изворите на претседателската администрација тврдел дека Трамп од Џон Кели, шефот на неговиот кабинет, побарал да подготви стратегија за транзиција, а за тоа веќе било разговарано со други функционери. Според тој план, на кој се работело со седмици наназад и за кој прв пишуваше весникот The New York Times, реконструкцијата на персоналниот состав на администрацијата би требала да се случи кон крајот на годината или кусо потоа.

Запрашан за судбината на Тилерсон претходно во четвртокот во текот на средбата со престолонаследникот на Бахреин, претседателот Трамп на новинарите им одговори „Тој е тука, Рекс е тука“.

„Како што рече претседателот, ‘Рекс е тука’. Во моментов нема никакви објави за персонални промени. Секретарот Тилерсон продолжува да го води Стејт департментот, а целиот кабинет е концентриран на довршувањето на оваа неверојатно успешна прва година од администрацијата на претседателот Трамп“, изјави подоцна во четвртокот портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.

Уште пред неколку месеци почна да се шпекулира за заминувањето на Тилерсон од должноста шеф на американската дипломатија, а како негова замена се споменуваше Ники Хејли, актуелната американска амбасадорка во Обединетите нации. Меѓутоа, во меѓувреме како главен фаворит за оваа позиција беше посочен Мајл Помпео, поранешен пратеник во Конгресот кој во моментов е на чело на CIA.

Поголем дел од својот мандат Тилерсон се обидуваше да ја ублажи острината на унилатералната надворешнополитичка стратегија на Трамп – „Америка на прво место“, но во тоа немаше премногу успех. Американскиот претседател, исто така, неколку пати јавно се спротистави на неговите дипломатски иницијативи.

Извор близок на Тилерсон открил дека неговиот оригинален план во моментот на преземањето на должноста државен секретар бил да отстапи од функцијата во февруари.

„Неговиот план беше да остане на функцијата една година и потоа да најде причина да си замине. Којзнае дали тоа сѐ уште важи“, тврди изворот на Reuters.

Сенаторот Боб Коркер со Тилерсон разговарал во четвртокот и истакна дека тој не знае за никакви планови за својата смена.

Доколку оваа смена биде изведена, тоа ќе биде последната во низата смени и заминувања во администрацијата на Трамп изминатите месеци. Досега од функциите заминаа или беа отпуштени шефот на кабинетот, советникот за национална безбедност и директорот на Федералното биро за истраги (FBI).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.