Трамп: Турција прави ужасна грешка, нема да има отстапки

Американскиот претседател, Доналд Трамп, во изјава за „Ројтерс“ рекол дека нема да прави отстапки кон Турција за да биде ослободен американскиот свештеник Ендру Брансон, кој е обвинет за учество во неуспешниот државен удар во 2016 година во Турција.

Според информациите, Трамп мислел дека постигнал договор со турскиот претседател, Ердоган, кога помогнал во убедувањето на израелските власти да пуштат еден затворен турски државјанин. Трамп тогаш помислил дека Ердоган ќе го ослободи Брансон.

Многу е тажно ова што го прави Турција. Мислам дека прават ужасна грешка. Нема да има отстапки, рекол Трамп во ексклузивно интервју за „Ројтерс“.

Американскиот претседател воведе тарифи на увозот на турски челик и алуминиум како одговор на тоа што Брансон не е пуштен на слобода, но не е загрижен дека економската штета ќе се прошири во Европа.

Ни малку не сум загрижен. Ова е правилна работа, рекол Трамп, прашан дали се можни штети и врз економиите на другите земји.