Трамп вели дека на напаѓачот во училиштето би тргнал „со голи раце“

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во понеделникот меѓу другото дека тој и другите политичари подобро од полицаецот би му се спротиставиле на напаѓачот кој неодамна уби 17 лица во средното училиште на Флорида.

На средбата во Белата куќа со неколку гувернери, на којашто повторно зборувал за потребата од поголема ментална проверка на оние кои поседуваат и набавуваат оружје, претседателот Донадл Трамп го осуди „срамното“ постапување на полицаецот кој не влегол во училиштето кога се слушнале истрелите а за кој медиумите наведуваат дека бил вооружен, како и бавното пристигнување на шерифот и неговиот заменик на местото на нападот.

„Тоа никогаш не може да го знаете додека нема да се најдете во таква ситуација, но верувајте ми, јас би втрчал и да немам оружје“, рекол Трамп.

„Мислам дека и повеќето луѓе во салава би го сториле истото, бидејќи ве познавам повеќето вас“, додал американскиот претседател.

Трамп во јавноста изјави дека полицајците кои сега се критикувани „не се баш добитници на медал на честа“ и смета дека нивното постапување „отворено зборувајќи, е одвратно“.