Трамп вети дека за две седмици ќе ги претстави резултатите од борбата против ИД

© AP Photo / Susan Walsh

Американскиот претседател Доналд Трамп пред средбата со своите министри во понеделникот вети дека за две седмици на прес-конференција ќе ги претстави резултатите од борбата против ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава (ИД), инсистирајќи дека се потребни удари врз финансирањето на оваа џихадистичка групација.

„Забележавме спектакуларен успех во борбата со Исламската држава. За две седмици ќе организираме конференција за новинарите и ќе ги претставиме резултатите од таа борба. Ќе видите бројки, во коишто нема да верувате. И, искрено говорејќи, доколку се осврнеме наназад, пред шест месеци и немаше да поверувате дека тоа е возможно“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа во присуство на целата негова влада.

Зборувајќи за неговиот неодамнешен престој на Блискиот исток, американскиот претседател инсистираше на напади врз финансиите на Исламската држава.

„Една од поважните работи коишто ги направивме, тоа го гледате со Катар.. Имаме намера да го сопреме финансирањето на тероризмот. Тоа е сложена битка, но ние ќе победиме. Ќе го измориме ѕверот со глад.

Осврнувајќи се уште еднаш на својата неодамнешна посета на Блискиот исток, кога САД и Саудиска Арабија склучија редица големи договори за продажба на оружје, Трамп оцени дека тие договори „ќе ја зајакнат стабилноста и безбедноста на регионот“.

Претходно и самиот Трамп и потпретседателот Мајк Пенс повеќепати изјавуваа дека имаат намера „да ја уништат Исламската држава“, но веќе шест месеци јавно не е претставена новата ветена стратегија за справување со џихадистите. Напротив, од Белата куќа истакнуваат дека нема однапред да информираат за конкретните чекори во борбата со тероризмот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.