Трамп вети лична донација од милион долари за жртвите на Харви

Американскиот претседател Доналд Трамп вети лична донација од милион долари за жртвите на ураганот кој премина во тропска бура Харви, објави Белата куќа во четвртокот додавајќи дека во невремето се оштетени 100.000 домови.

„Тој (претседателот Доналд Трамп) вети дека лично ќе даде милион долари за жртвите во Тексас и Луизијана“, двете држави кои ги погори Харви, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.

Претседателот ќе го посети погоденото подрачје повторно во сабота, а веројатно ќе ја посети областа на Хјустон и државата Луизијата, додаде Сандерс.

Белата куќа проценува дека 100.000 домови се оштетени во тропската бура Харви, изјави советникот за внатрешна безбедност, Том Босерт. Белата куќа има намера да побара од Конгресот дополнителни средства за ситуацијата на прогласена катастрофа за да започне поправањето на штетите, додаде.

Околу 7.000 пациенти од медицинските установи се префрлуваат од Бомонт во Тексас каде што е прекинато снабдувањето со вода откако поплавите ги оштетија станиците за пумпање.

Харви го погоди Тескас пред една седмица како ураган од категоријата 4, една до највисоката, носејќи рекордни количества врнежи и остави зад себе големи области од Хјустон и друго делови на оваа американска сојузна држава тешко поплавени.