„Трансмет“ и Сеад Кочан треба да плаќаат казна за недовршената општинска зграда во Ѓорче Петров

Компанијата „Трансмет“, сопственост на бизнисменот и осномничен од СЈО, Сеад Кочан, треба да ѝ плаќа на Општина Ѓорче Петров казна за недовршената општинска зграда, објавува „Макфакс“, повикувајќи се на сопствени извори.

„Трансмет“ со договор беше обврзана да ја заврши градбата во паркот во скопската населба Ѓорче Петров до средината на 2016 година и со тоа да изгради објект од 15.000 квадратни метри, од кои 3.600 се наменети за Општината.

Минатата година Општина Ѓорче Петров извести дека го продолжила рокот за градба до јануари 2017 година. „Трансмет“ не го исполни ниту овој договор, бидејќи објектот во централниот парк во Ѓорче сè уште не е довршен. Според договорот, „Трансмет“ треба да плаќа пенали кон Општината, со оглед на неисполнетите обврски.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски, не одговорил на прашањата од „Макфакс“ за тоа дали е активирана банкарската гаранција. Наумовски не го даде на увид ниту договорот што претходниот градоначалник го склучил со „Трансмет“.

Сметките на компанијата „Трансмет“ се блокирани од мај оваа година кога Специјалното јавно обвинителство го отвори случајот „Труст“.

Жителите на Ѓорче Петров се жалат дека паркот е претворен во градилиште веќе четврта година. Многумина беа против оваа градба уште во перидот кога Општината го донесе планот бидејќи сметаа дека не треба да се наоѓа во паркот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.