Транспортот на Шумахер во Лозана налик на операција на тајна служба

Преместувањето на седумкратниот шампион во Формула 1, Михаел Шумахер, од болницата во Гренобл до Лозана, било огранизирано и изведено во најголема тајност и наликувало на операција на тајна служба.

Како што објавува швајцарскиот весник „Блик“, транспортот на Шумахер го организирало неговото семејство, а од малата приватна фирма која ја извела целата операција, рекле дека и воопшто не знаеле кого транспортираат, оти добиле документација за превоз на пациент со друго име.

Исто така, кога лекарите го виделе Шумахер, морале да ги тргнат своите мобилни телефони.

Повикувајќи се на сопствени анонимни извори, весникот „Блик“ пишува дека Михаел Шумахер, во текот на транспортот со докторите комуницирал со благо климнување со главата, и дека легендарниот германски пилот во најбрзиот циркуз во светот за време на целото патување бил во свесна состојба.