Транспорт: И општина Центар располага со истата документација за земјиштето за хотел

Министерството за транспорт денеска ги повика партијата СДСМ и градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски да извршат увид во целокупната документација за продажба на земјиштето наменето за изградба на хотел во Маџир маало во Општина центар, што вчера беше поништена по изнесените документи од физички лица со кои докажуваат сопственост врз земјиштето.

Портпаролот на Министерството за транспорт и врски Драган Симоновски денеска на прес-конференција покажа предлог-програма за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија која, како што рече, градоначалникот Жерновски ја поделил на советниците во општината во октомври 2013 година.

Интересно е, истакна Симоновски, што во оваа Предлог-програма поделена од  градоначалникот Жерновски се наоѓа и оваа локација, а во графата за проценка на финансиски приходи може да се види дека доколку од  страна на општината било продадено ова земјиште,  било предвидено да се продаде по цена од 61 денар, односно евро за метар квадратен.

„Оттука е јасно дека и општината располагала со истата документација, како и Министерството за транспорт и врски и се прашуваме зошто градоначалникот на Центар за овој предмет се обидува да прави медиумски сензации и да манипулира со јавноста кога самиот стои зад оваа  програма“, рече портпаролот на Министерството за транспорт.

СДСМ и Жерновски, како што посочи, може во кое било време во Министерството за извршат увид на целокупната документација и самите да се уверат во транспарентноста и законитоста на предметот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.