Транспорт и врски: Наместо да поддржува, Жерновски го спречува реализирањето на новите инвестиции

Во изминатите осум месеци, градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, во изминатите осум месеци откако е на функција наместо да ги поддржува, тој ги одвраќа инвеститорите да ги реализираат нивните нови инвестиции, стои во реакцијата од Министерството за транспорт и врски, во врска со наводите на градоначалникот за  успешното јавно наддавање за изградба на нови објекти.

„Се прашуваме за каква афера зборува градоначалникот Жерновски кога целокупната постапка за отуѓување на оваа локација е по електронски пат и е во согласност со законските прописи, а истата е реализирана на транспарентен начин, при што секој може да има увид во извршеното јавно наддавање. За жал, можеме да констатираме дека и денешниот ден градоначалникот на Центар го има потрошено во смислување на медиумски сензации со обид да го привлече вниманието на јавноста, наместо да се занимава со активности и проекти кои треба да го подобрат живеењето на жителите на општина Центар“, стои во писмената реакција на ресорното Министерство.

Оттаму велат дека цените за отуѓување на градежното земјиште, сопственост на Македонија се утврдени со „Уредбата за начинот и постапката на отуѓување и давање под закуп на државно земјиште, сопственост на Република Македонија“ и истите се во зависност од локацијата и намената за градба.

„Со цел привлекување на нови инвестиции и стимулирање развој на туризмот, уште во септември 2010 година од страна на Владата на Република Македонија е предвидено почетната цена на јавните наддавање за продажба на градежно неизградено земјиште  на кое  според деталните урбанистички планови е предвидена изградба на објекти за времено сместување, односно хотели да биде евро за метар квадратен на територијата на целата држава.Оваа локација е отуѓена по пат на јавно наддавање на кое може да се пријават сите заинтересирани инвеститори кои ги исполнуваат условите од јавната објава која е објавена во печатените медиуми и на интернет. Цената од 61 денар за метар квадратен е само почетна цена на јавно наддавање, а финалната цена ја утврдува интересот на пазарот, односно колку учесници ќе се пријават за јавното наддавање. За отуѓувањето на оваа локација беше пријавена една компанија, која е и најповолен понудувач“, се наведува во писмената реакција на Транспорт и врски.

Од Министерството истакнуваат дека градоначалникот на општина Центар треба да се запознае со законската регулатива во делот на градежништвото и урбанизмот и да почне да прави разлика помеѓу земјиште кое е со намена за изградба на хотели и времено сместување и изградба на објекти за комерцијални дејности, како што е „Веро центарот“, кој самиот го даде за споредба.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.