Транспорт на нафта од Грција од вечерва и преку „Меџитлија“ и „Дојран“

Владата на Република Македонија на денешната седница донесе одлука да се овозможи транзит на нафтени деривати покрај на граничниот премин „Богородица“ и на граничниот „Дојран“ и „Меџитлија“ со што се даваат поголем број на алтернативи кои може да бидат ползувани од страна на транспортерите.

Наместо на еден граничен премин како што беше досега, „Богородица“, цистерните со нафтени деривати ќе може да влезат во Република Македонија и на другите два гранични премини кои ги имаме со Грција, истакна денес владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Овој времен режим, вели Ѓорѓиев, ќе важи во 5-ти март, а ќе почне да се спроведува по исполнување на се она што е потребно, односно од вечерва.

-Владата денес стапи во контакт и со царинската управа на Република Македонија која доби задолжение веднаш да обезбеди кадар и останати потреби во логистика кои ќе овозможат нормално функционирање на овие гранични премини имајќи во предвид дека ќе дојде до зголемување на фреквентноста и габаритот на возила кои би требало да транзитираат на овие два потези. Исто така и МВР доби задолженија според кои треба од нивен аспект да озбезбеди определено прифаќање на овие транспортни средства врз основа на кои овие цистерни кои ќе влегуваат на „Меџитлија“ и „Дојран“ да може да бидат процесуирани до внатрешните царински терминали, објасни Ѓорѓиев.

Оваа одлука Владата ја донесе во повеќедневните блокади на граничните премини од страна на грчките земјоделци, со што на товарните возила пред се на транспортните возила, вклучувајќи ги и оние кои превезуваат нафтени деривати им беше оневозможен влез во Република Македонија.

Владиниот портарол додаде дека будно се следи состојбата и се планираат соодветни мерки.

-Ќе се потрудиме со се она што ни е на располагање, со целиот кадровски и технички потенцијал, да обезбедиме што поквалитетен прием на овие транспортни средства, вели Ѓорѓиев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.