Транзитот на гас преку Украина би можел да се прекине

Ситуацијата со снабдувањето со руски гас до европските земји преку Украина во текот на наредната зима нема да биде иста како порано, тврди Вацлав Бартушка, советник за енергетска безбедност на чешката Влада, објави МИА,

Според Бартушка, сложената ситуација на Украина може да доведе и до целосен прекин на додавање на гас.

– Јас би рекол дека би било лудо да се очекува оваа зима, транзитот на гас преку Украина да биде како и обично, рече Бартушка додавајќи дека чешките анализи покажуваат дека тековната зима нема да функционира транзитот на гас преку Украина.

Русија во јуни го прекина снабдувањето со гас за Украина поради спорот околу цените, во ситуација кога Москва, според Киев и Западот ги поддржува бунтовниците во источниот дел на земјата. Сепак на Запад, транзитот преку Украина продолжува, иако рускиот монополен извозник на гас „Гаспром“ во последниве неколку недели всушност ја намали количината за некои од земјите на Централна Европа.

Бартушка повтори, дека земајќи поука од руско-украинскиот спор од 2009 година, кога опаднаа руските додавања на гас до Европа, Чешка изгради гасоводни врски и резервоари, благодарејќи на кој има пристап на западниот пазар и рускиот плин кој оди преку плиноводот Норд Стрим и преку Балтичкото море и Германија.

Тој нагласи дека проблеми би почувствувале земјите на Југоисточна Европа, особено Бугарија, Унгарија, како и Молдавија и Србија.

Годишната потрошувачка на гас на Чешка, е 7-8 милијарди кубни метри плин, а резервоарите во моментот се полни 99 проценти, што е 3,3 милијарди кубни метри, што според експертите е доволно за една сезона со мали штедења.