Траума тим од американски доктори вршат обуки на нашите доктори на Трауматологија

Министерот за здравство, Никола Тодоров го посети Центарот за континуирана медицинска едукација, по повод почеток на обука која ја спроведува траума-тимот од доктори од САД, во рамки на проектот за престој на странски специјалисти во Република Македонија.

Траума–тимот (кој е дел од 50 доктори од САД кои до крајот на годинава ќе престојуваат во РМ во рамки на проектот за престој на странски специјалисти), од денес врши тридневна обука (Advanced trauma training) за докторите од одделенијата за трауматологија од јавните здравствени установи во РМ.

Обуката опфаќа 20 доктори од одделенијата за трауматологија при Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедија, анестезиологија, реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), Специјалната болница по хируршки болести Св.Наум Охридски, Клиничките болници во Штип, Битола и Тетово, Општата болница во Охрид и други.

Обуката е фокусирана на стандарди за унапредување на третманот на пациенти во животозагрозувачки состојби, со цел брзо, соодветно и правилно реагирање и спасување на животот на пациентите.

Едукацијата ја вршат 6 доктори-специјалисти, од повеќе области, меѓу кои: анестезиологија, хирургија, васкуларна хирургија (реномираниот доктор Стивен Вебер кој престојува вкупно 1 месец во РМ) и 3 доктори од итни медицински служби.

Станува збор за специјалисти со долгогодишно искуство во областа на трауматологија, како и во улога на едукатори за методи и стандарди на третирање на овие пациенти. Докторите од итните медицински служби во рамки на своето работно искуство имаат одржано голем број меѓународни обуки, едукации, семинари за третирање на пациенти во животозагрозувачка состојба (едниот доктор има 30-годишно, друг 20-годишно работно искуство, а васкуларниот хирург Стивен Вебер исто така има 20-годишно работно искуство). Едукативниот материјал за обуката е адаптиран на траума-стандардите кои се применуваат во 63 држави во светот.

Уште една ваква обука ќе се спроведе од 13 до 16 октомври и со неа ќе бидат опфатени уште 20 доктори од одделенијата за трауматологија од други јавни здравствени установи во РМ (кои не биле опфатени со првата обука), што значи вкупно 40 македонски доктори од одделенијата за трауматологија ќе ги унапредат и надградат знаењата и вештините за третирање на овие пациенти.